Мицкоски: Царинската управа поставува нови стандарди, над 12 милијарди денари приходи во еден месец


Во изминатите 20 месеци Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност – нагласи премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан во Филхармонијата по повод одбележувањето 34 години постоење на Царинската управа.

– Денеска одбележуваме 34 години од постоењето на Царинската управа – институција што има клучна улога во функционирањето на државата, во заштитата на економијата и во обезбедувањето стабилни приходи за буџетот. Овој јубилеј е можност да се осврнеме на постигнатото, но уште повеќе да ги истакнеме резултатите што ги имаме денес. Во изминатите 20 месеци Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност – истакна премиерот.

Тој додаде дека особено значаен е фактот што првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа е резултат што не доаѓа случајно, посочи премиерот, туку, како што рече, е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација.

– Овие резултати се дел од пошироките напори на Владата, која веќе 20 месеци работи на воспоставување ред во институциите, на намалување на сивата економија и на зголемување на ефикасноста во наплатата на приходите. Кога ја презедовме одговорноста, не наследивме систем што функционира беспрекорно. Напротив – затекнавме состојба на хаос, нарушени процеси и сериозно ослабена институционална поставеност. Систем што со години бил запоставуван и руиниран – изјави премиерот.

Мицкоски рече дека денес со право може да се каже дека таа фаза е надмината.

– Нормализацијата е завршена. Поставен е ред, воспоставени се правила и институцијата повторно функционира како што треба – во служба на државата и граѓаните. Со конкретни мерки, со дигитализација на процесите и со јасна определба за борба против корупцијата создадовме систем што дава резултати. Царинската управа е еден од највидливите примери за тоа – нагласи Мицкоски.

Тој му се заблагодари на директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, за, како што истакна, неговото раководење, посветеноста и резултатите што ги постигнува институцијата под негово водство.

– Истовремено, важно е да се истакнат и одличната координација и заедничката работа со министерката за финансии, Гордана Кочоска-Димитриеска. Тоа партнерство, таа синергија, е еден од клучните фактори за постигнатите резултати. Кога институциите работат како тим, кога има заедничка визија и јасна цел – резултатите не изостануваат – истакна премиерот.

Мицкоски истакна дека целта е да се продолжи во оваа насока – со дополнително унапредување на капацитетите, со модернизација на системите и со создавање услови за побрза и поефикасна услуга за стопанството, но и со цврст пристап кон спречување на нелегалните активности.

-Зад овие резултати стои трудот на сите вработени во Царинската управа. Вашата работа е значајна и видлива, а придонесот што го давате е од суштинско значење за функционирањето на државата. Ви благодарам за вашата посветеност и професионалност. Нека овој јубилеј биде поттик за уште поголеми резултати во периодот што следува. Честит 34. јубилеј на Царинската управа – порача премиерот Мицкоски.

Мицкоски изрази задоволството од работењето на Царинската управа.

– Јас во своето обраќање ги истакнав поентите што мислам дека се значајни, исто така и директорот во своето обраќање имаше поенти што ја отсликуваат суштината на работењето на оваа Царинска управа под раководство на Бобан. За првпат е префрлен месец со наплата од 12 милијарди денари, што е, претставува за првпат, досега никогаш тоа не се случило, рекордна наплата на приходи од страна на Царината. Во делот на кривичните пријави, гледате дека има година, тоа беше 2025 што е за петпати побројна од просекот помеѓу 2017 и 2023. Тоа се навистина параметри што ја отсликуваат работата на Царината и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата што претставува основа за успешна работа на Царината. И јас сум убеден дека во годините коишто следат Царинската управа така и ќе продолжи да работи, бескомпромисно кон криминалот и корупцијата, а посветено за граѓаните – одговори премиерот на новинарско прашање по завршување на настанот.