Мицкоски: Бугарија место да блокира, да покаже вистинско пријателство

Фото: Б. Грданоски

Коалицијата „За обнова на Македонија“ се спротиставува на промените на уставот и бара признавање на македонското малцинство, почитување на македонската историја и нејзина посебност. Исто така, Коалицијата бара од Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на државата, туку да ја поддржи и да покаже вистинско пријателство меѓу граѓаните на двете држави.

Ова го посочи вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состанок на коалицијата. Една од поважните одлуки на Коалицијата е дека таа цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народонослободителната борба и остро се спротиставува на промените на уставот кои ќе значат негирање на антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба.

Тој додаде дека деновиве да одржи средба со сите опозициски партии во парламентот, сите партии кои ѝ мислат добро на државата, да се обидат да разговараат и да најдат решение.

За Коалицијата, македонскиот јазик и неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност, се неспоредлив историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.

Коалицијата, како што посочи Мицкоски, инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое, според него, опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур.

„Го повикуваме источниот сосед да ги почиттува одлките донесени од овој Суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност и се спротиставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава“, рече Мицкоски.

Како што посочи, коалицијата потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, има свој посебен историски, правен, политички и културолошки развој. Кон овој став, додава Мицкоски, едногласно се придружуваат и припадниците од партиите на Коалицијата кои ги претставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.

На средбата се истакнало дека ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската ВМРО има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заредника европска иднина.

Сите останати партии од Коалицијата „За обнова на Македонија“, како што рече Мицкоски, се придружија и цврсто го поддржаат овој став.

„Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ предупредува актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерната македонска држава, а кои се создавани од генерации и да овозможи транспарентност и инклузивност на сите партнери во овој прцес за изградба на национален консензус за ова прашање, во спротивно ќе се соочи со судот на народот, историјата и правдата“, рече Мицкоски.

Тој додаде оти Коалицијата ја повикува на Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија туку напротив, да ја поддржи и на тој начин да покаже вистинско пријателство меѓу граѓаните на двете држави.

„Коалицијата апелира до пријателите и сојузници од Европската унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во ЕУ на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани да ја добијат европсоката перспектива и иднина која одамна ја заслужија по повеќедецениски дела и залагање“, рече Мицкоски.