Мицкоски блефира со изборите


ЕРОЛ РИЗАОВ 

Шансите на опозицијата да дојде на власт не се во брзи избори, туку во тоа дали ќе учествува во остварувањето на државните стратегиски интереси и приоритети со критики за нивно побрзо остварување

 

Многу е добро што конечно ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги прифаќаат како веродостојни извештаите на угледните меѓународни институции за состојбите во Македонија. Уште позначајно е што и власта и медиумите ги прифатија и дочекаа како точни, иако имаше поединечни обиди за нивно разводенување со наивно објаснување што е перцепција, а што реална состојба со нашата ендемска висока корупција и организиран криминал.

Социјалдемократите, кои тешко ја препознаваат корупцијата во своите редови, навестија натамошна остра неселективна  борба против ова големо зло, а од ДУИ елегантно, во стилот „нисам одавде“ премолчеа како тоа да не се однесува и на нивните функционери. 

Со големо уважување во ВМРО-ДПМНЕ, со загриженост во јавноста и со должна медиумска острина е дочекан извештајот на „Транспаренси интернешенел“ дека државата ни е ниско рангирана, на 111. место заради високата корупција, како и на угледниот „Економист“ дека земјата ни е во хибридните демократии. Тоа би требало да навестува дека и другите извештаи, на пример, на „Репортери без граници“ за медиумските слободи ќе бидат прифатени со почит и опомена од оценката до каде сме стасале.

Секако, тоа би требало да се однесува и на истражувањата на Стејт департментот на САД, исто така и на респектибилната анализа на ОН за квалитетот на живеење. Годинава нестрпливо се очекуваат анализите на Светската здравствена организација со податоците и оценките за справувањето со корона вирусот. Не помалку значајни годинава, но особено и во наредните години, ќе бидат редовните извештаи на ЕУ за напредокот на земјата и уште на десетина светски познати јавни владини и невладини организации и  институции, кои со години кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт служеа за потсмев, како нарачка на опозицијата, влијание на домашните предавници и странски платеници и како потврда на светскиот заговор против Македонија.

Али Баба и четириесетте  разбојници

Секогаш различно читани и презентирани од власта и од опозицијата овие предупредувања за напредокот, или заостанувањето на Македонија беа третирани како брзо минливо чудо за три дена. Овојпат покрај театралната лутина на Христијан Мицкоски на кое дереџе спаднавме стана видлива  и затскриената еуфорија кога извештајот за 111. место на ранг-листата за висока корупција прерасна за силен адут да се оди веднаш на предвремени парламентарни избори годинава, небаре така експресно ќе се спасиме од криминалот.

Овие цврсти ветувања за решителна пресметка со криминогените носители на власта и на центрите на моќ, за владеење на правото ги слушаме рамно 30 години и особено заглушувачки гласно пред секои избори било да се редовни, или вонредни парламетарни, претседателски или локални, пред  референдуми, на парламентарни расправи, на митинзи, на јавни настапи и интервјуа, бројни обраќања до јавноста…

Ги  слушаме и веруваме.

Додека се нема квалификатив на чесност во името и презимето на човекот што го зборува тоа и на неговата партија што ја застапува во тие ветувања никој не би требало да  верува. Но клиентелизмот, партизацијата и делбите во македонското општество направија да се верува и кога не се верува и кога се препознава лагата. Повикот на Мицкоски за спасување на државата од криминалците со брзи предвремени избори ми изгледа карикатурално како на Али Баба и четириесетте разбојници да им ја дадете државната каса и државниот и приватниот имот на чување во пештерата Сезам. Ај да го кажеше ова некој друг од партиските лидери кои не ги бркнале прстите во медот човек може и да поверува, но оние кои уште чекаат судски пресуди и седат на обвинителна клупа повеќе ми наликуваат како нестрпливи мафиози кои ја  изгубиле територијата за работа, исплашени дека ќе ја изгубат и слободата оти во Македонија навистина се случи и тоа да одат високи функционери во затвор заради криминал и корупција. Сѐ уште мал број, според злоделата што се направени и големината на грабежот, но сепак ги има зад решетки.

Доцни конфискацијата на имотот стекнат незаконски од што најмногу се плашат носителите на организираниот криминал и корупција. Само тогаш за нив станува неисплатлив ризикот од злоупотреба на своите позиции и функции.

Со блокади не се освојува власта

Разбирлив е овој повик на Мицкоски и на опозицијата  за вонредни парламентарни избори како добар блеф, демек власта само што не паднала. Тоа е всушност повик за мобилизација на членството да не се осипува, бидејќи до редовните парламентарни избори има повеќе од три години. Во секој случај, локалните избори ќе бидат добар предзнак за позициите на сите партии бидејќи тие одамна не се кај нас комунални избори, туку висока политика од која не се гледаат депониите, улиците, сообраќајниот хаос, хигиената, парковите, општинската администрација, канализацијата, поплавите поради неисчистени речни корита, запустените земјоделски имоти и уште мал милион проблеми со кои се сретнуваат граѓаните во своето секојдневие.

Мицкоски, како и секој граѓанин, знае дека изборите, било предвремени било редовни, ги распишува парламентот, а може да се освои власта и со изгласување на недоверба на владата и со ново мнозинство. Серијата неуспешни пиар интерпелации покажаа дека мнозинството во Собранието иако е минимално сѐ уште е стабилно и има шанси во наредните три ипол години да  оствари значаен дел од стратегиските државни интереси. Шансите на опозицијата да дојде на власт не се во брзи избори, туку во тоа дали ќе учествува во остварувањето на стратегиските  државни интереси и приоритети со критики за нивно побрзо остварување. Продолжувањето со препознатливата погрешна стратегија да ги попречува државните интереси е најпогрешната политика на опозицијата. Додека не се променат креаторите и носителите на блокадите во ВМРО-ДПМНЕ опозицијата нема изгледи да се врати на власт. 

Притоа не е на одмет во ВМРО-ДПМНЕ да се совлада најтешката лекција во балканските предизборни и изборни процеси, а тоа е како да воспостават доверба кај партнерите за коалицирање.

Се разбира, пред сѐ мислам на албанските политички партии. Апсолутно еднопартиско мнозинство во парламентот како стојат работите уште долго ќе нема, а и да има коалициите се неминовност, но воедно се и најслабата точка на делување и работа на македонските влади колку тоа однадвор да изгледа стабилно. Двоглавите влади и да се еднонационални тешко функционираат. Тука се кријат и блокадите во самата влада за одговорно управување со државата и за порешителна борба против организираниот криминал и високата корупција. Во суштина, најголемата политичка умешност на премиерите е да се управува со државата одговорно и чесно во коалициски влади со тесно мнозинство во парламентот, а јавноста тоа да го препознава. Тоа е висок степен на демократија, политичка и комуникациска култура која кај нас сѐ уште е неприменлива, оти ја немаат ни политичките лидери, ни медиуимите. Сѐ уште во Македонија примитивизмот, провинционализмот и заостанатоста си бара свој јазик на разбирање, оној кој најчесто го слушаме и гледаме. 

Најголемите очекувања за резултати од вистинска војна против криминалот и корупцијата ќе се случат во  текот на преговорите со ЕУ. Тоа ќе биде вистинското мерило за владеење на правото оти тоа поглавје прво се отвара и последно се затвора.

Има повеќе членки на ЕУ кои уште имаат сериозни проблеми со владеење на правото. И по долги години не можат организираниот криминал и корупцијата да ги сведат на подносливо ниво.

Во наредните десетина години македонските влади ќе имаат најстрога контрола токму кон овој проблем, бидејќи не само Брисел, туку многу повеќе нашите деликатни соседи ќе мерат до каде сме стасале со арамилакот. Треба да бидеме сигурни дека тие добро ги препознаваат овие вештини. Француската нова методологија на враќање на повторувачите  назад ќе го означува и падот на владите. Велат дека државите кандидати за влез во ЕУ, ако навистина кон тоа искрено се стремат, најдобро функционираат за време на преговорите. Да се надеваме дека конечно преговорите ќе почнат годинава. Тоа би било најголемото олеснување не само за нас, туку и за комшиите и за Европа оти ќе се исправи една голема неправда која ѝ е нанесена на Македонија. Ете тоа е македонскиот најголем приоритет, а не секоја година избори и постојана скапа и коруптивна предизборна кампања, која веќе 30 години ги празни и државната каса и сметките на државните и приватни компании. Редовните избори на четири години, со ретки исклучоци кога тоа е неопходно и вонредни, е доволен период да се оцени успешноста на една власт.