Мицкоски би презел одговорност ако тендерот за униформите бил незаконски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го бранеше контроверзниот тендер за шиење на униформи за специјалните полициски сили, велејќи дека тоа било само рамковна спогодба и дека новинарите кои поставуваат прашања за сомнителноста не доставиле докази. Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција Мицкоски го повика обвинителството да ја истражи оваа јавна набавка, но не одговори како може едно модно студио од Битола со две шивачки и фирма формирано непосредно пред тендерот да ја спроведат оваа комплицирана обврска.
Дописничката на Ал Џезира од Скопје, Милка Смилевска, му го постави ова прашање на премиерот:
„Не се работи за никаква естрада, туку за трошење на јавни пари, а вие кога дојдовте на власт ветувавте многу одговорен однос во трошењето на парите на граѓаните. Дали сметате дека модно студио од Битола со двајца вработени и фирма регистрирана 20 дена пред да се објави тендерот да испорачаат униформи за толку важна полициска структура за 3,8 милиони евра. Зошто една фирма која е многу долго во овој бизнис е одбиена. Зошто трите да не ја извршуваат оваа јавна набавка?“
Премиерот Мицкоски го одговори ова:
„Јавната набавка била отворена без ограничувачки услови како во минатото. Секој што имал интерес можел да се јави. Претпоставувам дека имало причина зошто таа фирма не била одбрана. Дали можеби цената што ја понудила била превисока, дали поради нешто друго, не знам. За тоа ќе треба да даде одговор МВР.
Станува збор за рамковна спогодба во која што нема никакви облигации. Доколку фирмите, како што наведовте вие, немаат капацитет, незнаат, договорот ќе биде раскинат и нема да има трошење на јавни средства. Но не може сега да го раскинеме тој договор затоа што ќе плаќаме пенали. Немаме што да криеме. Деталите ќе ги ставиме на увид на јавноста и ако има незаконско трошење пари јас сум подготвен да сносам одговорност“.
Тој го повика обвинителството да ја истражи јавната набавка, но и оние кои биле правени од преходните власти. Кога смислевска сакаше да му постави дополнително прашање, Мицкоски грубо ја прекина велејќи дека имало и други новинари кои сакаат да поставуваат прашања.