Мицкоски би бил премиер само на стабилна влада


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ би сакал да ја води владата до крајот на мандатот на парламентот во 2024, но ако нема сигурно мнозинство тогаш претполага брзи избори напролет

 

 

По синоќешниот политички земјотрес и објавувањето дека има ново парламентарно мнозинство, денеска работите изгледаат за една нијанса уште понејасни.

Барем таков впечаток се добива по денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по која само две работи изгледаат јасни: дека тој не би бил премиер ако нема стабилна влада со сериозен кредибилитет; и второ, тој покажа список со 61 потпис на оние пратеници што се дел од новото парламентарно мнозинство основано со една цел – пад на сегашната влада.

Мицкоски изјави дека ова не било „време за триумфализам“. Тој уште нагласи дека треба да се остави на времето да покаже што ќе се случи.

Според неговата изјава, за што имаше подготвено внимателно сценарио – од мирен тон, до елегантен дрес-код – нема некаков прецизен план што би можело да се случува во наредните денови. Мицкоски ја објави неговата желба тој да предводи нова влада до крајот на мандатот на сегашниот парламент до 2024 година.

„Во периодот што следи ќе се обидам да формирам нова влада. Но тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, која ќе гарантира стабилност и нова енергија. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не се обезбеди полна ефикасност за справување со кризата и борбата со криминалот, тогаш единствена опција се брзи предвремени избори“, рече Мицкоски.

Тој на прашање на новинарите беше решителен во одговорот дека не постои никаква опција да има некаква експертска влада, туку само политичка. Ако не може да се дојде до неа, поради големата разноликост на евентуалните партнери и дијаметрално спротивните идеолошки постулати, тогаш треба да се оди на влада од пржински формат, а потоа на избори напролет, рече Мицкоски.

Во другиот дел од прес-конференцијата, Мицкоски ги повторуваше познатите работи – дека локалните избори биле референдум, дека Зоран Заев мора да поднесе оставка поради „пазарењата за најважните прашања на овој народ“; дека останувањето на оваа влада ќе значи само продлабочување на кризата. И дека новото мнозинство е коалиција против криминалот и корупцијата на власта, против изневерените надежи, па најави дека неговиот број можеби ќе се зголеми.

Мицкоски рече дека ја очекуваат оставката на Зоран Заев в понеделник за да почне разврската на ситуацијата.

Инаку, Христијан Мицкоски во својот релативно кус говор 16 пати го спомна зборот „народ“, побрзувајќи ги со него драматичните настани на политичката сцена и кризата во која која влезе Македонија по локалните избори.

Во дисонатен тон од овие пледоаеја, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, еден час порано во емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77 рече дека планот на неговата партија е сега да се формира нова влада која ќе раководи до есента 2022 и тогаш да се организираат предвремени избори. За тоа време, според Таравари, ќе можело да се развластат, пред сѐ структурите на ДУИ во државните институции. (Љ.П.)