Мицкоски би бил најсреќен САД да не одобруваат иселенички визи на македонски граѓани
Политиката на владата е да ги враќа иселениците во земјава, а не тие да остануваат во стренство, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека би бил најсреќен доколку САД не им даваат иселенички визи на македонски граѓани. Тој ова го изјави во одговор на новинарско прашање при посетата на УХМР, при што рече дека политиката на Владата е да ги враќа иселениците во земјава.
Новинарите, меѓу другото прашаа дали за време на неговиот престој во Њујорк, каде што ќе учествува на Генералното собрание на ОН, како премиер ќе оствари средби и со претставници на администрацијата на САД, и дали можеби ќе го покрене прашањето за олеснување на добивање иселенички визи за македонските граѓани.
„Ако може да ги затегнат Американците условите за македонските граѓани за добивање иселенички визи јас би бил најсреќен“, одговори Мицкоски, додавајќи дека политиката на Владата на чие чело е да ги врати иселениците, а не да овозможи нивно заминување.
Тој додаде дека доколку станува збор за туристички визи, тоа е друго прашање.
„А, инаку, ако може да ги затегнеме иселеничките визи, воопшто да не ги даваат, ние би биле најсреќни“, нагласи Мицкоски.
Инаку, во јануари годинава САД воведоа забрана која значеше значеше суспендирање на издавањето визи за постојан престој за граѓани од 75 земји. На листата, покрај Македонија, се најдоа и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, како и земји од Балканот, Блискиот Исток, Африка, Азија и Карибите.
Деновиве Федерален суд во САД ја поништи забраната за издавање имигрантски визи за државјани на 75 земји, меѓу кои беше и Македонија. Мерката ја воведе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а судијката Џенет Варгас оцени дека таа е „спротивна на законот“ и дека ги надминува законските овластувања на државниот секретар Марко Рубио.
За македонските граѓани мерката значеше запирање на издавањето имигрантски визи за оние што планирале преселување во САД, меѓу другото поради обединување со членови на семејството или поради вработување.
Забраната не се однесуваше на неимигрантските визи, како туристичките и студентските.
Администрацијата на Трамп ја оправда мерката со потребата да се спречи влез на лица за кои се проценува дека би можеле да зависат од социјална помош и други јавни бенефиции.