Мицкоски: Бектеши брани приватен интерес на компанија која е блиска до ДУИ


Министерот за економија Крешник Бектеши ја брани одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица затоа што штитат приватна компанија која е блиска до нив на сметка на граѓаните, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Бектеши ја брани одлуката за спојување на рудници, а пловина Влада вели дека била излажана. Имаа владина седница пред некој ден ни „а“ ни „б“ поврзано со концесијата и секој ден ги гледаме лажат ли лажат. Тука се е јасно, односно дека Владата брани приватен интерес на компанија која е блиска до ДУИ и оди против интересот на граѓаните од тој крај, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешната средба во Стопанска комора.

Нагласи дека се брани приватен интерес на сметка на колективниот интерес на граѓаните во тој регион.

-Многу е јасна конјуктурата на проблемот и граѓаните знаат кој е тука вистинскиот проблем, кој е оној кој ги штити нивните права и интереси, а кој го штити правото и интересот на приватниот инвеститор кој е близок до оваа влада и е близок до ДУИ, посочи Мицкоски.

Во одговор на прашање рече дека никој досега не ја видел листата на основни производи за кои ќе се менува ставката на ДДВ од 5 на 18 отсто.

-Со измената на законот нема повеќе основни прехранбени производи, туку се брише основни и останува само прехранбени производи. Никој не ја видел, ниту, пак, некој ја презентирал таа листа. Токму една од нашите забелешки е дека се носат закони кои оставаат големо индивидуално дискрециско право и нема рамка во која треба да се движиме. Тоа е лошо зашто може да води кон злоупотреба, истакна Мицкоски.