Мицкоски бараше дуели со Заев, сега поставува услови за средба со Ковачевски

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на средба на идниот премиер и лидерот на опозицијата главна тема треба да бидат предвремени избори. СДСМ ја отфрла таа идеја


 

Во македонската политика често има обид од една капка да се направи бура.

Така и со последната изјава на мандатарот Димитар Ковачевски дадена во интервјуто за Телма, дека по изборот на новата влада ќе упати покана до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за средба. На неа, според зборовите на Ковачевски, би се разговарало за актуелните прашања, но и да се најде решение за закони од интерес на граѓаните.

Мицкоски, кој за време на досегашниот премиер Зоран Заев на секои два-три месеци бараше телевизиски дуели за да ги соочат аргументите и визиите, сега поставува услови за таква средба.

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговорија дека досега немало покана за таква средба. Што, во основа, и не може да има, затоа што Ковачевски сега е само мандатар, а дали ќе биде избран и за премиер би требало да се знае во недела навечер кога ќе се гласа за новата влада.

Но од ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека таква средба би се одржала само под неколку услови – пред сѐда се разговара за предвремени избори. Пратеникот Антонио Милошоски денеска ги соопшти условите поставени до Ковачевски доколку сака да се сретне со Мицкоски:

„Таква покана сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицкоски да се разговара за предвремени избори, како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите што Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивното барање по формулата 5+1, за кои ниту јавноста ниту Собранието не се запознаени“, рече Милошоски.

Понатаму, според условите што ги соопшти Милошоски, Ковачевски и Мицкоски треба да разговараат за борбата против криминалот и корупцијата. Но ако се суди според изјавата, не и за носењето закони кои се од интерес на граѓаните, од кои многу се заглавени во Собранието, за што се залага Ковачевски.

Во трката кој да ја има политичката инцијатива, од СДСМ одговорија дека „Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. Во ек на економска криза кога лидерите во светот зборуваат за поддршка на граѓаните, тој поставува услови за средба само ако има предвремени избори. Избори нема да има. Новата владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај. Треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми“.

Наредните денови ќе треба да се пресметува кој политички повеќе ќе губи или добива во оваа уште непочната битка. Димитар Ковачевски, без оглед што е претседател на СДСМ, со изборот на премиер ќе добие поинаква државна тежина, а Христијан Мицкоски ќе биде и натаму само лидер на опозицијата. Тогаш работите веројатно ќе добијат и поинаква динамика, особено со посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на 18 јануари и најавената заедничка седница на македонската и бугарската влада една недела подоцна, на 25 јануари во Софија. Никој не знае какви ќе бидат резултатите од овие настани, но може тркалото да се сврти поинаку и условите да ги поставува некој друг. (Н.В.)