Мицкоски: „Бараме само почит од ‘Вреди’“. Мицкоски: „Не, тоа е шпекулација“
Како премиерот Христијан Мицкоски сопствените зборови за почитта што не ја добиле ги нарече „шпекулација“. И за неговите зборови обвини новинар
Можеби премиерот не се сеќава на сопствените зборови и ставови. Или можеби политичкиот амбиент се променил во рок од ден-два, па сака неговите зборови да ги заборави.
Вчерашната мала размена меѓу Христијан Мицкоски и еден од новинарите додека даваше изјави во Градската болница „8 Септември“ во Скопје е извонреден пример како еден премиер со неграмотни изјави мисли дека јавноста е тесто за месење (ако неа ја поистоветува со членовите на неговата партија). И еден ден остро ќе каже една работа, а потоа, кога новинарот ќе го потсети на неговите зборови, ќе го обвини дека шири шпекулации.
Се работи за изјавата на митинг во Аеродром на кој Мицкоски изјави дека неговата партија поднела жртва и крварела со тоа што ги поддржа канидатите на владиниот партнер „Вреди“ во Чаир, Тетово, Струга, Кичево… а сега за возврат добиваат непочитување и водат кампања за сеалбанско обединување против кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг во Кичево и Брвеница.
Еве ја таа мала размена на прашања и одговори на Мицкоски и новинарот:
„Во врска со изјавите дека не сте добиле почит од ‘Вреди’ во првиот круг. Дали е стабилна коалицијата со ‘Вреди’ во власта?“, прашува новинарот.
„Каде сум дал таква изјава?“, зачудено се обѕрнува премиерот.
„Секаде“, вели новинарот.
„Не, не. Никаде не сум спомнал дека не сме добиле почит од ‘Вреди’, ДУИ, ЗНАМ или слично. Никаде немам спомнато. Ова е шпекулација“, го завршува одговорот Мицкоски и одбива понатаму да разговара на таа тема.
Што е она што го заборавил Мицкоски или на кое не сакаше да го потсетува новинарот. Тоа беа неговите горчливи и предупредувачки зборови искажани на малиот митинг во скопската општина Аеродром, на државниот празник, денот на ВМРО, на 23 октомври. Мицкоски се осврна на изјавата на тетовскиот градоначалник (кој бара уште еден мандат) и лидер на Беса, Билал Касами, во која тој рече дека ќе го поддржат кандидатот на ДУИ во вториот круг во Кичево. Иако не го спомена по име Касами, Мицкоски рече дека „тоа нема да го заборавиме“.
Мицкоски на собирот во Аеродром (а претходно и во обраќањето по повод празникот 23 Октомври) не го криеше разочарувањето од ваквите планови на Касами (а можеби и на целата коалиција „Вреди“) и спомена дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ „крвареле“ и „поднесовме жртва“ за да ги поддржат Изет Меџити или Билал Касами.
„Понекогаш кога ги реализираме стратешките цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ. И поднесовме жртва. Не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледав нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртва“, рече Мицкоски.
На митинзите пред првиот круг во Гостивар и Чаир тој директно ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Сабаедин Даути и Изет Меџити (кандидати на „Вреди“), но во Тетово не спомена таква работа за Касами.
Билал Касами во дебата на албанската телевизија Сири рече дека нивниот кандидат за градоначалник на Кичево, министерот за труд Фатмир Лимани, испаднал во првото гласање и природно е албанските гласови да одат кон кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари. Покрај ова, Касами нагласи дека очекува албанските гласови да се здружат во вториот круг на изборите во Брвеница (општина крај Тетово), каде досегашниот градоначалник, Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, е во предност пред кандидатот на „Вреди“, Хаќим Рамадани. Касами очекува и поддршка од сите Албанци и од структурите и поддржувачите на ДУИ во општина Долнени, каде во вториот круг ќе се борат нивниот претставник и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Касами победи во првиот круг од изборите за градоначалник во Тетово со разлика од 3.800 гласови пред кандидатот на коалицијата околу ДУИ, Бајрам Реџепи. ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи освои 4.200 гласа и јасно е дека најголем дел од партиските членови и симпатизери го поддржале барањето на партискиот врв и лидерот Мицкоски да гласаат за Касами. Слично беше и во Чаир.
Кога зборуваше во Аеродром, а и во говорот на празникот, Мицкоски се чувствуваше изневерен. Можеби исто онака како што се чувствуваше изневерен Зоран Заев кога направи предизборна коалиција со Беса и Билал Касами за парламентарните избори во 2020, а потоа истиот тој Касами работеше на соборување на неговата влада во 2021.
„За поддршка не барам ништо. Затоа што имаме план. Имаме цел. Барам само почит за жртвата, којашто сме ја дале за други. И не го добивме. И тоа не го забораваме“.
Но во политиката многу работи се забораваат. Особено кога се менуваат случувањата. Мицкоски вчера соопшти дека се сретнал со Билал Касами, велејќи дека односите меѓу коалициските партнери биле стабилни. И дека Касами го разбрал она на ВМРО-ДПМНЕ дека – „не забораваме“.
„Да, се сретнав со Билал Касами, разговаравме и мислам дека тој веќе почна да ги испраќа вистинските пораки што му доликуваат на градоначалник на мултиетничка општина како Тетово“, рече Мицкоски.
Па можеби затоа премиерот ќе го искара новинарот и мамејќи се себеси ќе мисли дека ја мами јавноста, тврдејќи дека неговите сопствени зборови биле шпекулација. (Љ.П.)