Мицкоски бара помош од меѓународната заедница за одложување на пописот


Откако од Инфективна клининика, каде се лекува од тешките компликации од Ковид-19 ја одби понудата на Зоран Заев за заедничка влада, Христијан Мицкоски од истиот кревет сега им напиша писмо на претставниците на меѓународната заедница, во кое бара помош од нив за одложување на пописот и поместување на локалните избори

„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за него. Ние мора да сме фокусирани пред сѐ на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој подвлекува дека проблемот во немањето на консензус во врска со прашањето околу пописот е само во владата на Заев. Тој го обвинува Заев што немало консензус во општеството околу пописот.

„Прашања како пописот, во поларизирано општество како нашето, мора да се решаваат со целосен политички консензус. Немањето на ваков консензус, нѐ донесе до слепа улица, при што единствена солуција која останува е одлагање на пописот. Пописот би можел да создаде ковид кластери“, пишува тој.

Потоа, Мицкоски предлага две решенија: „Пописот да биде одложен за септември, тоа ќе остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи, со што ќе се минимизира штетата по јавното здравје. Предлагам локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември“.