Мицкоски бара од ЕУ преговори во јуни, а нови договори ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Прилеп побара Европската унија Македонија „да отпочне безусловни преговори за влез во ЕУ уште во јуни, бидејќи тоа не е нешто кое што Република Македонија го бара како милостина, туку таа тоа го заслужува“.
Според него, Македонија е една од земјите која што направила најголем број отстапки и доживеала незаслужени понижувања во однос на националниот идентитет и токму поради тоа Европската унија треба да има предвид дека нашата држава заслужува членство во ЕУ ден поскоро. „Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ треба да го знаат сите во администрацијата во Брисел, како и Европскиот совет“, рече Мицкоски.
На ова барање тој додаде дека премиерот Зоран Заев „да не се обидува повторно да потпишува договори и преговори во кои во каква било реченица ќе се негира македонскиот идентитет и постоењето на македонската историја. Владата која што ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да почитува вакви договори, тоа нека го знаат и бугарските власти. Ако е потребно, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ еднострано ќе го напушти таквиот договор, без разлика на политичките реперкусии врз мене лично или врз ВМРО-ДПМНЕ“, рече Христијан Мицкоски.