Мицкоски бара македонизам, Заев обвинува за национализам


Партиите, барем оние со подлабок џеб кој се полни секоја година со милиони од државната каса, повеќе од пет месеци пред планираните предвремени парламентарни избори за 12 април почнаа да се натпреваруваат кој ќе помине повеќе време со граѓаните на терен. Се користи сиот политички и кадровски потенцијал, иако официјалниот старт на кампањата би требало да биде во втората половина од март, што ќе рече дека партиските првенци ќе се изнавозат низ државата и со зимски и со летни гуми.

Премиерот Зоран Заев по отворање на дилемата се обиде викендов да ја увери јавноста дека ќе нема потреба да се одложува датумот на изборите и затоа ги повика партиите да си ги подготват листите со кандидати за пратеници. Сепак, не ја затвори докрај можноста за одложување, доколку, како што рече, се работи за големи државни интереси, како што е одобрувањето на целосниот договор за членство во НАТО, во парламентот.

Опозицијата се спротивставува на оваа идеја на власта, не прифаќајќи промена на датумот за 12 април. Шпанија се очекува да биде последната земја што ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО, но постапката би можела да биде комплицирана поради парламентарните избори што треба да се одржат во Шпанија на 10 ноември. Расправата за конституирање на Собранието на Шпанија е закажана за 3 декември, но не е јасно кога ќе биде ставен на дневен ред протоколот за членство на Македонија.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ одложување на изборите е невозможна опција бидејќи зборот бил даден на лидерска средба на која присуствувале претседателот на државата, но и сите релевантни политички лидери. Мотивите за можното одложување лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги гледа во бегство на Заев да се соочи со изборот на граѓаните.

„Ние имаме договор, а договорот е дека на 3 јануари имаме избор на технички премиер и техничка влада и на 12 април 2020 година имаме предвремени парламентарни избори. Кога станува збор за Зоран Заев, јас ќе ве вратам и неколку години наназад, се сеќавате во онаа 2015, 2016 година кога на неколку наврати се распушташе, па повторно се собираше парламентот затоа што Зоран Заев тогаш како опозиционер бегаше од соочување со народот, а сега како влада повторно бега од соочување на народот. Јас сепак апелирам да надвладее мудроста, да надвладее трпението, да не го делегитимираме оној последен лидерски состанок“, рече Мицкоски при посетата на Куманово.

Забележливо е дека тој на секоја средба со граѓаните покрај критиките кон власта за неуспесите во сите општествени сфери инсистира на синтагмата „враќање на македонизмот“.

„Македонизмот не како привилегија на македонскиот народ, туку македонизмот како дел од секој граѓанин во оваа држава“, појаснува Мицкоски, нагласувајќи дека тоа е последниот деветти столб од партиската програма, не помалку важен од другите.

Од опозициската партија, која вчера имаше средби со граѓаните на Велес, тврдат дека досега на ниво на држава со разговорите за „Обнова на Македонија“ имале остварено контакт со педесетина илјади граѓани коишто ги имаат искажано своите проблеми и за нив ќе имало решение во изборната програма.

СДСМ, пак, продолжува со проектот насловен „На прав пат“, чие лого е во црвено-бела боја, односно во боите на Партијата на европските социјалисти. Такви маички носеа и младите социјалдемократи на трибината „Иднината на Европа“ која се одржа викендов во Скопје, а на која учествуваше и премиерот Заев, кој е убеден во победа на следните избори.

„Ниту имаа храброст за Договорот со Бугарија, ниту за Договорот со Грција. Ги немаше никаде, а зборуваат за Европска Унија и НАТО. Па не сме паднати од Месечината! Без овие договори, нема ни Е од Европска Унија, ни Н од НАТО. Сите го знаеме тоа. На домашен план, две и пол години. Па една ‘ограда’ од Груевски да направеа, една. Ништо. Потоа продолжуваат со концептот на национализмот што не носи резултат. Јас знам дека тоа можеби за нив, популистички, е привлечно поради гласови… Но не носи иднина на оваа држава. И од тој аспект сум сигурен дека ќе ги победиме“, вели Заев во вчерашното интервју за порталот „Фронтлајн“.

Пред младите, пак, рече дека со политиките што ги води оваа власт добиваат сите, а најмногу тие.

„Со нашите политики сите добиваат, гледаме покачување на платите, на условите. Добиваат лекарите, војниците, администрацијата, професорите, вработените во социјалата, бизнис-секторот, фирмите… Но пред сè, младите. Сосема се различни политиките од она што беше порано. Затоа сето ова што се случува е показател дека сме на вистинскиот пат. А вие, со вашето присуство денеска покажувате дека ова е патот, дека се борите, дека дома е најдобро! Продолжуваме по вистинскиот пат“, рече Заев.

И колеги од регионот им дадоа поддршка на младите кои ќе бидат фокусната група на која очигледно власта ќе посвети големо внимание за време на кампањата.

„Чест ми е да бидам гостинка на вашата држава во која премиерот вака седи и разговара со млади луѓе, тоа во Хрватска го немаме, на пример, а сме членка на ЕУ“, рече на трибината претседателката на младите социјалисти, Лара Квесиќ.

„Ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да ви помогнеме кон патот на евроинтеграцијата“ е пораката што од претседателот на Сириза, Алексис Ципрас, ја испрати генералниот секретар на младите на партијата, Сотирис Алексиоу. (Н.К.)