Мицкоски апелирал до вмровските министри да ја донираат платата, тие прифатиле


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги советувал функционерите сами да купат медицинска опрема и да ја однесат до клиниките, затоа што „имал чувство“ оти парите од фондовите за донации можеле да отидат на лешници и ф’стаци

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „апелирал“ до четворицата функционери на партијата во Владата да ја донираат нивната плата за борба против корона вирусот, откако Уставниот суд реши да покрене постапка за уредбата за намалување на примањата на именуваните лица. Но, како што изјави во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа, тоа треба да биде нивна желба.  Мицкоски сугерира дека со парите тие вмровски функционери треба сами да купат санитетски материјал и заштитни средства и да ги донираат директно во клиниките, отколку да се уплатат во фондот за донации затоа што можеле да завршат на некоја трпеза во лешници и ф’стаци.

„Јас апелирав до четворицата именувани функционери од ВМРО-ДПМНЕ во Владата целата нивна плата да ја донираат доколку е тоа нивна желба. Нормално сите се сложија да купат санитетски материјал, медицински заштитни средства и да ги донираат на клиниките, дали во Куманово, дали да ги донираат на Клиниката за инфективни болести, затоа што гледам како се однесува владата со купувањето на овие јаткасти производи“.

Тој изјави дека на парите од донации може да им се изгуби трагата. „Чуствувам дека тие пари ако таму се дадат, тоа е исто како гладен волк во трло со овци да пуштите, затоа подобро парите од платите земете, купете материјали и донирајте ги во болниците како граѓанин, затоа што ќе завршат онаму каде што се најпотебни, а вака сигурно ќе завршат на некој трпеза со лешници и ф`стаци“, оцени Мицкоски. (Н.В.)