Мицкоски: Ахмети преговара со Заев со изговор дека е победник кај Македонците


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција откри што разговарале со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети на нивната средба и дека всушност воопшто не преговарал за правење влада.

„Минатата недела во Собранието има едночасовна средба си Али Ахмети, на која ме информираше дека ќе отпочне преговори со СДСМ со изговор дека тоа е партијата која победила во македонскиот блок. Му реков дека не се согласувам со тоа  и дека  кај Македонците победи ВМРО-ДПМНЕ, и тоа убедливо. Но, тој е политичар со искуство  и му посакав среќа во преговорите. Ние ќе направиме коалиција врз основа на програма и не треба да ги оптоваруваме граѓаните со нашите фрустрации. Се водат разговори, бидете трпеливи“, истакна Мицкоски.

Мицкоски на Ахмети му рекол дека ВМРО-ДПМНЕ има 40 свои пратеници во Собранието додека СДСМ само 32 мандати на народни избраници кои се матични членови на владеачката партија.

– Коалицијата на ВМРО-ДПМНе има 44 ,а коалицијата на СДСМ 42 пратеника. Заедно со Беса имаат 46 пратеника. Значи, партијата ВМРО-ДПМНЕ е легитимен победник – рече Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара од позиција на диктати и условувања и дека коалиција ќе направи врз основа на програма.

Во однос на можноста за нови парламентарни избори наесен, Мицкоски цени дека се уште постојат можности за формирање влада, но доколку тие се исцрпат тогаш, како што вели, може да се разговара за нови избори.

– Не се сите можности исцрпени, мислам дека се уште постојат можности за формирање политичка влада, доколку и тие се исцрпат, тогаш може да зборуваме за нови избори, рече Мицкоски.