Мицкоски ѝ се закани на Левица: Нема веќе да ве толерираме


 

Зборувајќи за заглавените измени на Изборниот законик, премиерот Христијан Мицкоски попладнево изјави дека веќе да ја „толерираат непринципиелната политика на Левица“, затоа што едно се договориле во работната група, а после поинаку постапувале. Тој уште рече дека за ВМРО-ДПМНЕ црвена линија во разговорите за Изборниот законик е дијаспората да гласа електронски.

Гостувајќи во емисијата „Директно“ на Телма Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила барањата на Левица за државно финансирање на партиите и дека се подготвени да прифатат две од барањата на СДСМ за Изборниот законик, но дека не отстапуваат од електронското гласање кое предлагаат да започне на следните претседателски избори. Мицкоски рече дека Левица води непринципиелна политика и иако учествувале во работната група за Изборниот законик, одбиле да го потпишат. 

„Ние како Влада направивме сѐ да постигнеме консензус и тој консензус во текот на викендот го постигнавме. Сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР беа вклучени во рамките на реформата која што ја правевме со Изборниот законик. Она што ја прели чашата беше обидот на политичката партија Левица да калкулира по милионити пат на македонската политичка сцена, а потоа како по правило СДСМ го следеше нивниот пример. Се обидоа преку филибастеринг односно преку опструкција на носењето на Изборниот законик да го блокираат. Дента кога требаше да се достави предлогот и да се потпише од пратениците ставот на Левица беше дека тие нема да се потпишат, дека нема да го бојкотираат ама нека го донесат другите политички партии. И тогаш се јави дилемата – неколку месеци преговараме, има записници, има автентични документи од овие преговори, ваши предлози кои се прифатени, други предлози кои се прифатени“, рече Мицкоски. 

Премиерот рече дека се прифатени барањата на Левица во врска со државното финансирање на партиите за време на изборите. „Но, на крај не можеме да се однесуваме дека не сме од овде и пред јавноста да глумиме дека ова си го договориле другите партии, ние сме посебни, нема да го бојкотираме ама ќе седиме на страна. Тоа е политички некоректно, не е етички, не е морално, на крајот на денот не е цивилизирано“ – рече Мицкоски. 

Две од барањата на СДСМ за начинот на гласање (да не се заокружува бројката, да се заокружува името) и во делот на изборната жалба од страна на набљудувачите и овластените претставници на политичките партии се прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски рече дека би прифатиле амандмани за нив доколку СДСМ ги поднесе. Црвената линија на ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, е електронското гласање на дијаспората.  Според него, тоа е потребно за да се обезбеди цензус за избор на претседател и да се намалат трошоците за гласањето во странство.

Зборувајќи за постапките на Левица тој рече дека тие нема повеќе да ја толерираат нивната непринципиелна политика. „Ако мислат дека треба да пропадне оваа реформа – во ред. Нема да го донесеме законот. Ќе одиме по стариот Изборен законик. Ако тие мислат дека тој е подобар за нив и за државата во ред. Но мора да се научиме на политичка култура, ако се договарате нешто и ако сте постигнале договор, тогаш морате тоа и да го браните“, рече Мицкоски.