Мичел и Попович се налутија: Важно е кои играчи се тука, а не кои недостасуваат


Донован Мичел беше најуспешен во разочарувачкиот пораз на САД во четвртфиналето на СП 2019 со 79-89 против Франција.

Бекот на Јута постигна 29 поени, а по мечот доби прашање од медиумите кои повеќе се фокусираа на многуте ѕвезди кои откажаа учество поради различни причини, отколку на моменталната постава на Американците. Тука реагираше селекторот на САД, Грег Попович, кој го прекина својот играч и даде одговор на прашањето.

– Со ова прашање се покажува непочитување. Недостасувале играчи, што ќе беше ако беа сите тука… Со ваквите коментари се покажува непочитување кон Франција и за играчите кои беа дел од овој турнир и дојдоа да ја претставуваат својата земја. Франција победи и не е важно кој бил во тимот, а кој недостасувал. Овие 12 играчи се тука, тие се тие, тоа е САД, другите не ме интересираат. Многу сум горд на овие момци кои жртвуваа многу за да бидат дел од репрезентацијата цело лето. Никогаш не играле заедно, но беа како едно на теренот, се бореа и заслужуваат пофалби. Исто така и Франција заслужува пофалби за победата. Не може да се зборува ‘САД ги немаше другите играчи’. Нема такви други играчи. Играчите се тие што се тука. Нема други момци, овие се моите момци. Горд сум на нив, одиграа одлично“, порача Попович.

Потоа се огласи и самиот кошаркар со изјава за натпреварот и се надоврза на зборовите на селекторот.

– Овие 29 точки не се важни. Клучни беа грешките и работите што не ги направив како што треба. Ние изгубивме. Тоа е тоа. Само тоа е во мојата глава. Ако некои НБА играчи не беа тука со нас, значи тие не сакаа. Имаше играчи кои испаднаа од составот пред да започне првенството. Знам како се чувствувам јас и како се чувствуваат другите во соблекувалната. Не треба да се фокусираме на тоа кој не е овде, туку на тие што се тука. Имаме 12 играчи кои се подготвени да играат за САД, како и во сите други репрезентации. Дојдовме да се натпреваруваме и го сторивме тоа, соопшти Мичел по поразот.