Мицевски: Прашајте го Бојан како ќе ми ги врати парите


Бизнисменот Силјан Мицевски денеска два часа даваше исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал во врска со случајот „Рекет“. Тој, како што велат од Обвинителството, бил повикан да даде „потребни известувања“ за случајот.

На влегување во Обвинителството, Мицевски за медиумите изјави дека парите ги префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Притоа рече дека ќе бара парите да му бидат вратени.

-Прашајте го Бојан како ќе ми ги врати парите, рече Мицевски, посочувајќи дека немал средба со Боки 13 и оти парите ги префрлил преку банка на сметка на Меѓународниот сојуз. Станува збор за 720 илјади евра.

Пред Мицевски, во Обвинителството беше и водителката Лила Филиповска која повеќе од еден час даваше исказ за „Рекет“. Таа на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.

Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.