Дачиќ: САД нема да го преземат водењето дијалог меѓу Белград и Приштина

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави денеска дека САД нема да го преземат водењето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека се обидуваат да најдат добитна комбинација за компромис.

Тој за Првата телевизија изјави дека дијалогот ќе продолжи да го води ЕУ, но дека САД сакаат компромисно решение за Косово и да го искористат тоа на претстојните претседателски избори.

На прашањето дали САД ја поддржуваат поделбата на Косово, Дачиќ истакна дека тој двапати разговарал со американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон и дека тие никогаш не изјавиле дали ќе ја поддржат поделбата или имаат некој друг концепт.

-Тие ја поддржуваат нашата желба да постигнеме компромис. Тоа е огромна разлика, со оглед на тоа што претходните администрации дури и не сакаа да разговараат за тоа и рекоа дека прашањето е завршено, рече тој.