МФ и СБ подготвуваат решенија за поддршка на компаниите за зелена и дигитална трансформација


Фото: Б. Грданоски

Министерството за финансии заедно со Светска банка работи на воспоставување инвестициски фондови во земјава за поддршка на компании во сферата на зелената и дигитална трансформација. Решенијата кои се во фаза на подготовка, а се дел од нацртстудијата подготвена од нивна страна, беа дискутирани на средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со Мисијата на Светска банка за иновации и конкурентност предводена од Масимилијано Паолучи, постојан претставник на банката во земјава.

Како што информираат од Министерството за финансии, станува збор за инвестициски фонд за микро, мали и средни претпријатија за инвестиции за зелена и дигитална трансформација во ФИТР, како и стратешки инвестициски фонд за поддршка на инвестиции во ТИРЗ и инфраструктурата во зоните.

– Воспоставувањето на овие фондови произлегува од потребата за финансиска поддршка на компании кои се во фаза на основање и компании на кои им требаат средства за развој, но не можат да ги обезбедат во традиционалниот банкарски сегмент, како и за инвестиции на компаниите во проекти за намалување на штетното влијание врз животната средина и енергетската ефикасност, наведуваат од МФ.

Од Министерството посочуваат дека инвестициите во иновации, нови производи, дигитална трансформација, проширување на нови пазари, модернизација на опремата, подобрување на продуктивноста и воведување еколошки стандарди во производството ќе придонесат за закрепнување на претпријатијата во пост-ковид периодот и придонес кон забрзан економски раст.

– Двата фонда се дел од предвидените финансиски инструменти во Планот за забрзан економски раст на Министерството за финансии, со кој ќе се поддржат инвестиции од јавниот и приватниот сектор, а во насока на достигнување просечни годишни стапки на раст од над пет отсто. Приоритетни области се подобрување на конкуреноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а се насочени во повеќе приоритетни области како што се зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфрастуктура и човечки капитал, како и социјална кохезија, посочуваат од Министерството за финансии.