„Метрополитен“ со виртуелен гала-концерт: Три часа со оперските ѕвезди од дома


САД- Досега невиден тричасовен виртуелен концерт „At Home”, ќе приреди познатата Метрополитен опера во Њујорк, на својот веб-сајт, вечерва, во 19 часот по наше време. Репризата ќе може да се гледа половина час после полноќ, со можност со еден клик да се оствари донација за оваа значајна уметничка куќа.

Гала концертот „At Home” е дел од кампањата на познатата оперска куќа за собирање на средства под мотото : „Гласот мора да се чуе, заради поддршка на иднината“.

Ана Нетребко и Мајкл Воле во „Тоска“ на Пучини

Во програмата ќе настапат над 40 оперски ѕвезди и тоа ќе биде добра можност да се слушнат оперските уметници од нивните домови, одделно, и заедно како брачни двојки. Станува збор за Рене Флеминг, Ана Нетребко, сопран која ќе пее заедно со сопругот, тенорот Јосиф Ејзвазов од операта во Виена, а тенорот Роберто Алања ќе се претстави со сопругата, сопран, Александра Курзак од Франција. Брин Терфел и Хана Стоун, харфистка, ќе се јават од Велс, а тенорот Стивен Костело и виолинистката Ју Квон Костело ќе свират од Њујорк…

Метрополитен операта немаше изведби од 11 март поради пандемијата од корона вирусот и ги откажа сите настапи во оваа сезона. Акцијата за собирање на средства е организирана во обид да се надомести намалениот буџет кој изнесува 308 милиони долари. Од 31 март е стопирано плаќањето на синдикалните работници, вклучувајќи го и оркестарот и хорот, а намалени се и платите на административните работници.