„Метлата“ во сенка на „рекетот“


Во сенка на скандалот околу Специјалното јавно обвинителство се реализира вториот бран кадровски промени во извршната власт во рамки на „метлата“, што премиерот Зоран Заев ја најави веднаш по првиот круг од претседателските избори. Оттогаш поминаа речиси три месеци, од кои само првиот помина во знак на „метлата“, додека во другите два месеца на политичката сцена се случуваа големи турбуленции чија кулминација се последните настани во однос на случајот наречен „Рекет“.
И додека деновиве во политичката арена се зборува за нови избори, односно опозицијата повторно бара предвремени парламентарни избори, Заев одговори со смена на педесетина функционери од третиот ешалон на власта.
Новиот бран кадровски промени, иако се однесува на пониските ешалони на власта, всушност, е поинтензивен од првиот, кога беше изведена реконструкцијата на Владата. За кадровските одлуки што беа соопштени вчера на прес-конференција беше закажана и посебна владина седница, за разлика од министерските смени што премиерот ги објави среде викенд, од работна посета во Валандово.
Силината на вчерашната „метла“ не е поголема само поради големиот опфат на директори, раководители и членови на управни тела во државни и јавни претпријатија, туку и затоа што се менуваат функционери во важни институции, од кои дел беа потресувани од скандали во изминатиот период. Сепак, меѓу разрешените, очекувано, не е генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, во чија одбрана застана премиерот кога беа објавени снимките од состанокот во Владата за тендерот во М-НАВ. Но настрада членот на Управниот одбор на М-НАВ, Климент Чепујноски, кој се најде на листата што вчера ја објави Заев, иако тој беше разрешен во предизборието, за што води Антикорупциската комисија.
Иако очекувана, највпечатлива е смената на директорите на МЕПСО и на ЕЛЕМ, Сашо Василевски и Драган Миновски, водечките претпријатија во областа на енергетиката, преку кои, всушност, се прекршија случаите на непотизам, за кои постизборните анализи покажаа дека имале големо влијание за демотивираноста на гласачите која се одрази на изборното салдо на кандидатот на СДСМ. Всушност, и назначувањето на Василевски на чело на МЕПСО претставуваше своевидно изненадување пред околу две години, со оглед на тоа што во почетоците на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ тој беше заменик-министер за правда од редовите на НСДП, од каде што се „одметна“ при растурањето на коалицијата, а потоа беше член на Советот на јавни обвинители до 2015 година. Неговата директорска фотелја, според проценките, ја разниша и набавката на скапите фотелји од телешка кожа. Освен за Василевски, на вчерашната владина седница е предложено разрешување и на целиот управен одбор на МЕПСО. Од друга страна, Миновски важи за човек од струката и професор на Електротехничкиот факултет во Штип. Но за време на неговото директорување во ЕЛЕМ таму беа вработени роднини на високи функционери на власта, за што и Антикорупциската комисија поведе повеќе постапки.
Меѓу разрешените има и повеќе кадри на ДУИ, како што е директорот на ЈП „Македонија пат“, Гајур Кадриу и директорот на „Македонски железници“, Ирфан Асани. Од функцијата заминува и директорот на Здравствен дом – Скопје, Злате Мехмедовиќ, кој беше еден од најекспонираните членови на Комисијата за здравство на СДСМ. Се предлага разрешување и на повеќе директори на институции од областа на здравството, културата и социјалната политика…
Заев рече дека причините за смена на функционерите од третиот ешалон се различни.
„Секој е менлив и променлив, затоа што оваа држава е на граѓаните, кои гласно зборуваат за своите очекувања. Како што ќе пофалат некој кога е добар, тие знаат и да критикуваат, дури и прецизно да кажат каде е проблемот. Ние го слушаме гласот на граѓаните и така постапуваме“, изјави премиерот.
Тој рече дека некои од причините за смената на функционерите се од практична природа: нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, забелешки од меѓународните институции за одредени процеси, недоволната транспарентност или недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, некогаш послабиот менаџмент за финансиско стабилизирање и зајакнување на институциите.
Заев најави дека на некои од разрешените функционери ќе им бидат понудени други позиции.


Васко Ковачевски – нов директор на ЕЛЕМ

Поранешниот пратеник на СДСМ, Васко Ковачевски, кој во изминатиот период беше на чело на РЕК „Битола“ доаѓа на чело на ЕЛЕМ на местото на Драган Миновски. На вчерашната седница, Владата му препорача на надзорниот одбор на АД „Електрани на Северна Македонија“ Ковачевски да биде избран за член на УО кој ја извршува функцијата генерален директор.
Исто така, Владата му препорачува на НО на М-НАВ за член на управниот одбор да го избере Александар Палчевски, на претставникот на акциите и на уделите во сопственост на владата во АД „11 Октомври – Еурокомпозит“, му препорача да го отповика Златко Граороски од должноста прв извршен член на Одборот на директори и генерален директор, и на тоа место да го именува Милан Тоцев. За член на Инспекцискиот совет е именуван Керамедин Селими, откако беше разрешен од оваа функција Горан Симоновски.

Заев не исполнува желби за избори

Премиерот Зоран Заев изјави вчера дека нема намера да оди на предвремени парламентарни избори, како што повторно бара опозицијата.
„Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам, дека власта ќе победи. Но немам намера само заради тоа за да не им наштетам на економските перспективи на граѓаните“, рече Заев.
Премиерот му порача на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, наместо да бара избори, да покаже одговорност и да се појави на лидерската средба в петок, истакнувајќи дека тој, како еден од политичките партиципиенти, ќе продолжи да ги турка процесите што ќе ја внесат државата во НАТО и во ЕУ, како и зголемувањето на економските параметри.
Но, ваквите пораки од Заев не ја премислија опозицијата, која и вчера зборуваше за вонредни избори за пратеници. Според претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, истрагата за случајот наречен „Рекет“ мора да покаже дали лично Заев играл улога и учествувал во, како што наведе, рекетирање, таргетирање и прикривањето на уцените врз бизнисмитените.
„За случајот да се истражи до крај Заев мора да си замине. Само така обвинителството и судството ќе можат да се ослободат од стегите на власта и да се дознае целата вистина за овој случај. За ова да се случи потребни се предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на власта. Кога ова ќе се случи и во Македонија ќе се врати правната држава, тогаш ќе одговараат сите оние кои сториле криминал и се огрешиле пред законот, но ќе одговараат и оние кои го штителе“, оцени Ласовска. (А.М.М.)