Метлата да не заврши како октоподот


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Пред неколку дена, ненадејната средба меѓу поранешниот и сегашниот премиер или поранешниот и сегашниот лидер на СДСМ – Бранко Црвенковски и Зоран Заев претставуваше своевидно политичко изненадување. Не толку заради тоа што е јавна тајна дека некогаш блиските соборци не комуницираат многу често во последните години, колку заради инцидентното појавување на експретседателот на државата во јавноста – поточно на „Илинденска“. И тоа во период кога постепено спласнуваат страстите од претседателските избори додека се интензивираат очекувањата од големото ветување што актуелниот премиер го даде во паузата меѓу двете изборни полувремиња, откако првично се соочи со резултат кој укажа на голема демотивираност на гласачкото тело, наспроти полетот од локалните избори пред една и пол година.

Всушност, прашање е дали вториот изборен круг ќе завршеше успешно да не беше таа симболична „метла“ што премиерот ја извади како ас од ракавот. Односно како мобилизирачки фактор за гласачите кои, како што беше забележано подоцна, во значителен број поверуваа дека владејачката партија ја сфатила пораката и дека е подготвена навреме да се реформира – и кадровски и стратегиски.

Од тој аспект, навистина би било штета ако Заев и Црвенковски единствено разговарале за активностите на Подгоричкиот клуб (на политички ветерани од регионот), како што беше напишано во соопштението од средбата. Би било штета ако Заев, додека го составува списокот за кадровските смени што ги најави, не ја искористил шансата да го запраша домашниот политички ветеран каков исход може да очекува една владејачка постава ако нејзиниот предводник не ги исполни големите ветувања што им ги дал на граѓаните во критичен политички момент. Барем Црвенковски, кој во неколку наврати беше избиран за премиер, има такво искуство од соочување со изневерените очекувања на гласачите. Како што, на пример, тоа се случи во 1998 година, по реторички мошне бомбастичната најава на дотогашниот премиер за борба против „октоподот“, чие неспроведување на крајот значеше губење на власта и заминување на СДСМ во опозиција. И тоа заедно со тогашните коалициски партнери од албанскиот блок – ПДП која, пак, не само што никогаш потоа не се врати на власт туку и се соочија со тивок и постепен распад.

Оваа споредба, всушност, се наметнува како парадигма поради отпорот што сега го даваат кадрите на ДУИ кон најавената реконструкција инсистирајќи на тоа дека за нивната функционерска судбина не може да одлучува шефот на Владата, туку единствено партискиот шеф. Според тоа, Али Ахмети, веројатно, би требало да ја прави селекцијата врз основа на теснопартиски интереси и така што ќе ги задоволи разните струи и лоби групи во своето јато. А, не врз база на постигнувањата и ангажманот на поединци во извршната власт, на кои им била дадена доверба да ја оправдаат поддршката што ДУИ ја доби на последните парламентарни избори, а која ѝ овозможи на партијата одлучувачка позиција за тоа кој ќе ја составува Владата.

Затоа Заев треба што поскоро да седне на иста маса со Ахмети и да расчистат дека не може да се стави на една вага одговорноста како претседател на партија и како претседател на влада. И дека предупредувачката изборна порака, особено во првиот круг, не е наменета само за СДСМ, туку за целата владејачка коалиција. Одѕивот на 21 април, кој не порасна драматично ниту две седмици подоцна, посебно во етнички мешаните средени, всушност, е јасен сигнал дека ДУИ треба да се замисли над изборниот резултат и да преземе мерки за „санација“ на рејтингот, наместо да се промовира како одлучувачки фактор за победата на Стево Пендаровски.

Во овој момент, следните избори можеби изгледаат како далечно идно време, ама брзо ќе зачукаат на врата. Затоа премиерот нема уште многу простор да одолговлекува, туку што поскоро треба да се фати за „метлата“. Ако не решил од каде да почне, добар патоказ може да му биде несреќниот фејсбук-статус на еден локален функционер на навидум естрадна тема како што е Евровизија и учеството на дијаспората во гласањето за нашата претставничка.

Писанието на директорот на Скопската зоолошка градина, всушност, мошне сликовито ја покажува опиеноста од власта на одредени структури во и околу СДСМ, која лошо се одразува на имиџот на целата владејачка постава. Нели и премиерот најави дека некои од критериумите при чистката ќе бидат ароганцијата на одредени функционери и нивната недостапност за граѓаните. Но не треба да се занемари и учинокот и ангажманот на секој функционер одделно во реформите или во надминувањето на последиците од штетните политики на претходната власт.