Метежот за влез во Скопје не престанува, дупката од 4 метри е нов проблем за реконструкцијата


Фото: Б. Грданоски

Откако минатата недела почна реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ за влез во Скопје, речиси нормална појава се колоните возила кои по најмалку еден час чекаат да влезат во главниот град.

Ситуацијата и денеска е иста. Како што може да се види од фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски колони возила возат споро во едната лента, а другата е со изгребан асфалт и по неа се движат возила од механизацијата која работи на патот.

Од Град Скопје неколкупати повикуваа сите што сакаат да влезат во Скопје да одберат други алтернативни патишта, но сепак се создава метеж по главниот пат за влез.

Проодната лента за возила и онаа на која се работи се одделени само со подвижни сигнални столпчиња. Сепак, може да се забележи дека семафорите работат со што се контролира протокот на возила.

Се очекува работата на патот да заврши за 40 до 60 дена, а надлежните повикуваат на трепение кај возачите.

Но, дали проекцијата за должината на изведувањето на работите ќе остане таква не се знае, со оглед на тоа што работниците кои работат на реконструкција на булеварот „Александар Македонски“, на источниот влез во Скопје, наидоа на дупка од четири метри.

Фотографии од состојбата на терен сподели градоначалникот Петре Шилегов велејќи дека е среќа што досега улицата не пропаднала.

https://www.facebook.com/petreshilegov/posts/3371937376364170

„Кога некоја инфраструктура не се одржувала повеќе од 40 години, тогаш изгледа, за жал, дека е многу нормално при реконструкција да наидете на дупка длабока 4 метри. Само среќа ги чувала сите кои поминувале по булеварот „Александар Македонски“, а патот не пропаднал. Веќе започнавме со санација и нема да доцниме со реконструкцијата“, напиша Шилегов на неговиот фејсбук профил.

Реконструкцијата се реализира фазно, а на терен истовремено се работат три од вкупно четири фази на реконструкцијата. Булеварот ќе се реконструира во должина од 5.300 метри, што претставува најдолга делница на која Град Скопје работи во моментов. (Б.Б.)