Метеор со зелен отсјај над Хрватска
Интересен астрономски настан се случи вчеравечер на небото над Хрватска, каде според Танјуг, паднал метеор којшто можел да се забележи од речиси сите делови на оваа земја. Бројни набљудувачи објавија дека станувало збор за доста светол објект на североисточниот хоризонт кој горел неколку секунди.
Хрватскиот астрономски сојуз објави видео од падот на метеорот и порака околу тоа.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека се очекува зголемена метеорска активност, бидејќи предвидената максимална активност на метеорскиот дожд Орионид е предвидена за раните утрински часови на 21 октомври“, соопшти Сојузот.
Според порталот „Далмација“, метеорот имал зеленкаст сјај, а забележани биле три посилни блесоци.
Неколку метеори паднаа на тлото на хрватска во последните месеци, но астрономите се откажаа од нивна потрага затоа што тие паѓаа на непристапни терени, каде многу тешко е да се пронајдат.