Метаверзум или универзум- студентите на моден дизајн од ТМФ со силна порака на завршната ревија


Метаверзум или универзум беше темата на 22. традиционална завршна модна ревија на студентите на студиската програма Дизајн и инженеринг на облека од ТМФ во Скопје, под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, што синоќа беше презентирана во Скопје, во присуство на бројни гости од јавниот живот и дипломатскиот кор. 

Креација на Кристијан Арсовски

 

Во проектот беа вклучени и студентите на Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет Блаже Конески, зашто ние сме УКИМ, ние сме едно семејство, велат организаторите.

Ревијата годинава беше и еден вид перформанс, преку кој идните дизајнери се обидоа да пренесат силна порака. Моделите ги носеа манекен(к)и од модните студија „Подиум“ и „Црнокрак“.

Креација на Кристијан Арсовски

 

„Токму поради изолираноста во којашто живеевме, сега сакаме да се поврземе од почеток и да создадеме нешто заедно“, велат од организацијата.

Какви креации презентираа студентите од студиската програма Дизајн и инженеринг на облека од ТМФ?  

Креација на Анастасија Петрески

 

Бевме изненадени од идеите, иновативноста и модната порака што ја испратија.  Иако не се воздржуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, генерациите кои доаѓаат сепак го преферираат човечкиот контакт .  Сепак, изминативе години, поврзаноста помеѓу нас беше важна повеќе од кога било. Некои изминатиов период го доживеаја како можност за забрзана експанзија на технолошкиот напредок, но некои како изолација и недостаток од човечки контакт.

Креација на Анастасија Петрески

 

Идејата за метаверзумот ќе еволуира, ќе се менува, како што ќе се менува начинот на којшто ќе ја употребуваме оваа алатка. Но останува отворено прашањето дали употребата ни е наметната или сепак ќе успееме да го добиваме само најдоброто?

Па да размислиме: Што е подобро? Виртуелно кафе во Њујорк или вистинско кафе дома? Но доколу веднаш можеме да ја видиме најновата изложба во МЕТ музејот во Њујорк, без да го напуштаме својот дом, зошто да не поминаме низ тоа задоволство?

Често слушаме околу себе дека сите ние сме веќе малку сменети, па така, заедно со нас, ќе се менува и технологијата. Во која насока ќе продолжиме останува да покаже времето (доколку успееме да го дефинираме). (Л.С.)