Метапнеумовирусот ќе се шири уште повеќе но нема потреба од паника, велат лекарите
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Luge-na-ul-Makedonija-vreme-zima-1-bg.jpg)
Метапнеумовирусот (HMPV) предизвикува вирусна пневмонија, но тој не е опасен, на ниво е на грипот и поради тоа нема простор за паника, велат здравствените експерти. Кај нас не се води специфична евиденција само за случаите на метапнеумовирус, токму поради тоа што, како што објаснуваат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), нема ризик дека може да предизвика посериозни здравствени компликации.
Проф. д-р Никола Пановски вели дека овој вирус одамна го има и дека не е опасен во смисла на предизвикување тешка клиничка слика.
„Од некои причини, во Кина се случи да има повеќе случаи на HMPV, но сите вируси покрај ковидот и грипот, најден е и овој, кој е втор по честота вирус кај деца до 5 години. Ова не е ништо ново, ниту е нешто ретко, туку напротив, е често застапен. кај нас имало 9 случаи во цела сезона, и тоа тоа се само оние што се тестирале. Можеби имало и 900“, вели Пановски.
Вирусот, како што објаснува тој, повеќе напаѓа деца, а кај повозрасните може да доведе до копликации со респираторни заболувања, посебно кај оние пациенти со ХОБ и астма, каде што развива вирусна пневмонија.
„Иако важи за вирус кој ги напаѓа горните дишни патишта, кај децата се спушта на белите дробови и затоа и се вика „пнеумо“. Вирусот инаку е веќе раширен. На ниво на грип е, иако и грипот, нели, може да предизвика компликации. Мерките за заштита од овој вирус важат како и за секоја друга болест – да се избегнуваат собирања, да се носат маски, посебно во периодот што следува оти овој вирус може да се засили токму во доцна зима и рана пролет“, додава Пановски.
Маја Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје, за Мета.мк вели дека не постои законска обврска лабораториите ширум државата да пријавуваат случаи конкретно за овој вирус, како што имаат обврска да ги пријавуваат случаите на грип.
„Сепак, метапнеумовирус се открива на вирусолошките панели, заедно со останати вируси, како инфлуенца А, Б, респираторни вируси, па затоа имаме податоци. Во периодот на сезоната, до мај минатата година, сме имале 9 случаи на HMPV. Tие биле откриени на тие вирусолошки панели. Матичниот лекар може да ви рече на пример, дека имате вироза и нема да ве прати да видите за каква вироза поточно станува збор. Не постои законска обврска да евидентираме случаи, бидејќи не постои ризик дека може да предизвика посериозни компликации. За него нема ниту посебна терапија“, вели Андоновска.
Дека нема опасност од сериозни последици по здравјето од HMPV, согласен е и епидемиологот Александар Стојанов.
„Овој вирус не е ништо ново и не е ништо страшно. Не треба да дигаме паника. Немаме многу случаи, но тоа е зашто луѓето не направиле тест“, вели Стојанов.
Според Светската здравствена организација, луѓето инфицирани со НMPV ќе имаат симптоми слични на настинка или грип: кашлица, треска, болки во грлото, течење или затнат нос, болка во телото. Може да предизвика инфекција на белите дробови (пневмонија) или воспаление на дишните патишта до белите дробови (бронхиолитис, бронхитис). Симптомите на потешка болест вклучуваат отежнато дишење, отежнато дишење, болка во градите, вртоглавица, тежок замор, дехидрација или постојана треска која не се подобрува.