Метадонска терапија ќе се прима во четири општини: Помалку пациенти – помалку проблеми?!


Во тек се подготовки за дисперзија на дел од пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода. Со ова се решава деценискиот проблем со Центарот за зависности во Кисела Вода, сметаат од Министерството за здравство. Пациентите што се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите.

Од Министерството појаснија дека дисперзијата ќе следува во општинските пунктови кои се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населбите Ченто и Бардовци и во Градската општа болница „8 Септември“ во Карпош.

„Министерството за здравство смета дека во интерес на пациентите е поддршката од лекарите да ја имаат во пункт во својата општина или општината која е најблиску до локацијата на која се наоѓа пунктот. Во овие пунктови пациентите ќе добиваат метадонска терапија, додека проценката за промена на терапија ќе ја прави психијатарот кој е одговорен за пациентот и тој ќе утврди колку пати неделно пациентот треба да ја зема терапијата. Со оглед на тоа дека во пунктовите ќе бидат третирани околу 120 пациенти, кои се дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес“, се вели во соопштението од Министерство за здравство.

Исто така, на лекарите ќе им биде олеснета работата бидејќи ќе имаат помал број пациенти. Распределувањето на психијатрите е во рамки на внатрешната организација на јавната здравствена установа во која се вработени и во која ја извршуваат здравствената дејност во однос на лекување на зависностите, а тоа е Психијатриска болница – Скопје.

Во тек се административните подготовки на пунктовите кои веќе се просторно опремени. Штом завршат овие подготовки, пунктовите веднаш ќе бидат пуштени во функција. Министерството за здравство нагласува дека ниту еден пациент не смее да биде дискриминиран по ниту една основа и оти нивна обврска е да се грижат за секој пациент подеднакво.

„Едно од основните човекови загарантирани права е правото да се добие здравствена заштита. Секој има право на достапна и квалитетна здравствена заштита и услуга. Дисперзијата е системско решение кое Министерството за здравство успеа да го реши во полза, пред сè на пациентите, потоа и на сите граѓани во земјава. Ваквите процеси треба да бидат поддржани од сите нас, само така ќе напредуваме, нема потреба од стигми и стравови. Целиот процес на лекување на овие пациенти ќе биде строго контролиран, а во него, покрај здравствените работници, ќе бидат вклучени и сектори од други министерства, невладиниот сектор кој работи со оваа целна група, но и семејствата на пациентите“, се додава во соопштението.

Од Министерството веруваат дека овој процес на дисперзија од Кисела Вода во другите општини на овие пациенти е во интерес на заедницата, напредок на здравствениот систем и соодветен третман на пациентите.

Од друга страна, пак, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вели дека граѓаните на општината нема да дозволат зависници да се лекуваат во поликлиниката „Јане Сандански“.

„Скандалозна е одлуката на Министерството за здравство со која наркозависниците од септември својата терапија ќе ја земаат во поликлиниката ‘Јане Сандански’ во Општина Аеродром, која е една од најголемите општини, со најголем број млади луѓе“, пишува на социјалните мрежи Коневски.

„Државата мора да обезбеди најдобри услови за лекување на зависниците од дроги, но треба многу внимателно да се избираат локациите каде што овие луѓе ќе ги остваруваат своите права“, вели Коневски во постот на Фејсбук.

Пред неколку недели група граѓани ја блокираа крстосницата кај „Усје“ со цел да привлечат внимание и да се спротивстават на практиката пациентите вклучени во програмата за третман и превенција од зависности да се лекуваат само во Центарот во Кисела Вода. Со години граѓаните на Кисела Вода бараат дислокација на Центарот.

Пред неколку месеци се појави информација дека Центарот за зависници од Кисела Вода ќе се дислоцира во Гази Баба, во поранешната менза на фабриката „Металски Завод – Тито“.

Министерот за здравство Венко Филипче уште лани најавуваше дека Центарот од Кисела Вода ќе се премести во три објекти на периферијата на градот.

„Активно работиме да најдеме нов објект во кој ќе биде сместен Центарот за зависници, кој се наоѓа во Кисела Вода. Има три објекти кои се на периферија на Скопје и сега утврдуваме дали тие може да се адаптираат и реновираат и да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависници, затоа што има нови модели на терапија и нов пристап“, рече тогаш Филипче.

Билјана Богдановска