Мета за средбата со Пендаровски: Да ги здружиме напорите за отворање на преговорите


Шефот на албанската држава Илир Мета на својата официјална веб страница објави дека на вчерашната средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски, разговарале за здружување на напорите на двете земји за отворање на преговорите со Европската унија во октомври.

– Беше задоволство да се сретнам со претседателот на Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски. И двете наши земји мора да ги обединат напорите за отворање на преговорите за членство во октомври. Треба да го искористиме овој многу позитивен момент што го создаде Преспанскиот договор, не само за Северна Македонија, наведува Мета.

Тој посебно ја истакнува, како што вели, решеноста на неговиот македонски колега да соработува со опозицијата, но потсетува и на неподготвеноста на политичките партии во Албанија за постигнување решение за надминување на кризата.

– Исто така беше задоволство да ја констатирам решеноста на претседателот Пендаровски да соработува и да ја вклучи опозицијата во дијалогот за фундаменталните прашања на државата и демократијата. Во Албанија помина еден месец од уредбата за одложување на локалните избори на 30 јуни и никој не покажува подготвеност да се постигне сеопфатно решение кое „ќе ја зголеми довербата и ќе однесе земјата на слободни и фер избори“, наведува претседателот Мета.

Пендаровски и Мета се сретнаа на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП), што се одржа во Сараево.