Мета: Ќе направам се за земјата да се нормализира што е можно поскоро


Албанскиот претседател Илир Мета е убеден дека ќе остане на функцијата до крајот на мандатот, 24 јули 2022 година.
Додава дека не се плаши дека ќе биде разрешен од Собранието, бидејќи според него законодавниот дом има само 82 „целосно легитимни гласови за да му судат на Претседателот на Република Албанија“.
Гостувајќи во телевизиска емисија тој одговори и на прашањето што доколку сепак Собранието го разреши.
-Сега нема да одговорам дали парламентот ќе полуди, иако не велам дека немало такви моменти. Но, мора да бидете на чисто дека дури и ако Собранието ја има оваа желба, тоа не е едноставно зашто има само 82 целосно легитимни гласови за да му суди на претседателот на Република Албанија. Погледнете во мојата изјава во Поградец, затоа што понекогаш мислите дека кога ќе го подигнам тонот, ја губам контролата, но тоа не е случај. Само сакам понекогаш да ја разбијам монотонијата, одговори Мета.
Тој за првпат одговори и дали размислува да го распушти парламентот.
-Јас ќе направам се за да земјата се нормализира што побрзо, како што постојано правев . Јас секогаш ќе дејствувам како претседател на Република Албанија, како правна држава, а не како држава на пропаганда. Ви реков дека 82 гласови се легитимни да му судат на Претседателот на Републиката. Така! Ако е доволно Претседателот на Републиката да се гласа со 82 легитимни гласови, нека го сторат тоа кога сакаат. Но, следно, имајте во предвид дека се заколнав дека го поддржувам Уставот на Република Албанија. И тоа значи дека јас не само што ќе постапувам како претседател на Република Албанија, туку и како претседател на сите Албанци,рече Мета.
Тој ги отфрли обвинувањата на владејачкото мнозинство дека со уредбата за одложување на локалните избори на 30 јуни застанал на страна на опозицијата. Својот став околу мислењето на Венецијанската комисија за тоа дали го прекршил уставот со оваа уредба најави дека ќе го соопшти во текот на денов.