„Мета“ би можела да отпушти речиси 20 отсто од својата работна сила во Ирска


Европското седиште на „Мета“ во Даблин, Ирска

Компанијата „Мета платформи“ на „Фејсбук“ очекува да отпушти околу 490 работници во своето меѓународно седиште во Даблин, што е еднакво на речиси една петтина од нејзината работна сила во Ирска.

Со ова „Мета“ ја започна последната рунда планирани отпуштања ширум светот, како дел од најавеното затворање на приближно 10.000 работни места.

Во моментов вработува 2.500 постојани работници во Даблин и планира да ги прошири отпуштањата во сите деловни сегменти, вклучувајќи ги финансиите, продажбата, маркетингот, аналитиката, операциите и инженерството.

Веќе во ноември минатата година, „Мета“ отпушти 320 вработени во Ирска во првиот круг на отпуштања, пренесе СЕЕбиз.

Конечниот број на отпуштања во последниот круг ќе биде предмет на колективна консултација, според Ројтерс.