Месут Озил стави крај на фудбалската кариера


Турција– Поранешниот репрезентативец на Реал Мадрид и Германија, Месут Озил денеска соопшти дека на 34-годишна возраст ја завршил кариерата.

„По внимателно разгледување, најавувам мое итно повлекување од професионалниот фудбал. Имам привилегија да бидам професионален фудбалер скоро 17 години и неверојатно сум благодарен за можноста. Но, во последните недели и месеци претрпев неколку повреди и стануваше се појасно дека е време да ја напуштам големата фудбалска сцена“, рече Озил во објавата на Инстаграм.

Последниот натпревар Озил го одигра на 2 февруари за Истанбул Башакшехир против Кајзериспор (0:1) во турската Суперлига. Ова беше само втор натпревар на Озил како стартер откако минатото лето дојде од Фенербахче.

„Ова беше неверојатно патување полно со незаборавни моменти и емоции. Сакам да им се заблагодарам на моите клубови Шалке, Вердер Бремен, Реал Мадрид, Арсенал, Фенербахче и Башакшехир, тренерите кои ме поддржаа и моите соиграчи кои станаа мои пријатели“, изјави Озил.

Тој особено им се заблагодари на семејството и најблиските пријатели кои го следеа и го поддржуваа и во добри и во лоши моменти.

„Им благодарам на сите мои фанови кои ми покажаа љубов без разлика на ситуацијата и за кој клуб играм. Сега со нетрпение очекувам се што ме чека со мојата прекрасна сопруга Амин и моите прекрасни ќерки Ед и Ела, но бидете уверени дека одвреме-навреме ќе се проверувам преку социјалните мрежи“, рече Озил.

Во текот на кариерата, Озил одигра 598 натпревари, постигна 98 гола и освои девет трофеи, вклучувајќи ја титулата на Шпанија со Реал и четири ФА купа со Арсенал.

Настапуваше за младинските селекции на Германија, а за А селекцијата одигра 92 натпревари, постигна 23 гола и го освои Светското првенство во 2014 година.