Меси, Путељас и Аргентина најдобри во избор на спортските новинари


 

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси и неговата шпанска колешка Алекси Путељас се прогласени за најдобри спортисти во 2022 година, а фудбалската репрезентација на Аргентина за најдобра екипа во изборот на Меѓународното здружение на спортски новинари (AIPS).

Во машка конкуренција славеше аргентинскиот капитен и член на ПСЖ, Меси, со 962 гласови, пред светскиот рекордер во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис (373) и францускиот фудбалер Килијан Мбапе (366).

Шпанската фудбалска ѕвезда Путељас ја освои наградата во женска конкуренција со 452 гласови, пред американската пливачка Кејти Ледецки (295) и светската рекордерка во трискок Јулимар Рохас (243) од Венецуела.

Во изборот за екипа на годината триумфираа новите светски фудбалски шампиони, Аргентинците, со 1.399 гласови, пред фудбалската репрезентација на Мароко (381) и фудбалската репрезентација на Франција (252).

Во гласањето учествуваа 420 спортски новинари од 113 држави.