Меси му го исполни сонот на млад човек кој боледува од истата болест која тој ја имал во детството


 

Многу деца ширум светот имаат желба да го запознаат најдобриот фудбалер на сите времиња, Лионел Меси, но малку се оние на кои може да им се оствари тој сон.

Таков е случајот со Леви Сандовал од Ел Салвадор, кој е голем обожавател на аргентинскиот фудбалер, а кога се родил лекарите му дале само шест месеци живот бидејќи боледувал од синдромот Расел Силвер кој го спречува нормалниот раст и развој.

„Поради овој синдром тој е низок и слаб. Телото не произведува хормон за раст, па му го даваме веќе четири години. Тој е борец, но беше тешко“, вели мајка му Дулче Марија Сандовал.

Меѓутоа, кога се дозна дека Меси ќе гостува со Интер Мајами во Ел Салвадор и ќе одигра натпревар против репрезентацијата таму, родителите на Леви започнаа акција по која беше овозможено тој да се сретне со аргентинскиот фудбалер.

„Велат дека Меси како дете го имал истиот проблем како мене, по што почнав да го следам со посебно внимание. Сега го запознав, бев со него на момент, се фотографирав, ми потпиша дрес“, вели Леви, кому му се исполни детскиот сон.

„Син ми сакаше да го запознае Меси уште додека тој играше за Барселона, и постојано му кажував дека тој сон ќе се оствари еден ден. Сега дојде тој ден“, изјави мајката на Леви.