Меси кон Суарез: Не заслужи да се однесуваат така со тебе

Капитенот на Барселона, Лионел Меси преку социјалните мрежи денес се прости од својот поранешен соиграч Луис Суарез, со кого е голем пријател.

– Кога денес влегов во соблекувалната, го очекував вообичаеното секојдневие, но се изненадив. Ќе биде исклучително тешко да не те гледам ден за ден, и на тренинг и на терен. Многу ќе ми недостасуваш. Поминавме многу години заедно во тимот, бевме на безброј социјални собири и запознавме многу луѓе. Ние искусивме многу работи што никогаш нема да ги заборавам, изјави Меси.

Потоа ја нападна управата на клубот.

– Ќе биде чудно да те гледам во поинаков дрес, а уште потешко да се соочам со тебе на спротивна страни. Заслужуваше збогување што личи на легенда на клубот. Ти си еден од најважните играчи на Барселона во историјата, постигна неверојатни индивидуални бројки, но и тимски. Не заслужи да се однесуваат така со тебе во последно време. Вистината е дека ништо не ме изненадува во овој момент. Ти посакувам се најдобро во твојот нов предизвик. Те сакам многу. Се гледаме наскоро, пријателе, напиша Меси.

Искусниот уругвајски голгетер Луис Суарез е новиот фудбалер на Атлетико Мадрид. Раководството на клубот од Мадрид објави дека постигнале договор со челниците на Барселона и дека Суарез ќе го потпише договорот веднаш штом ги мине лекарските прегледи.

Суарез треба да потпише договор денес и официјално да стане фудбалер на Атлетико Мадрид за отштета од шест милиони евра.

Суарез изминатите шест сезони има одиграно 238 натпревари за дресот на Барселона и постигна 198 гола.