Меси добива астрономска понуда – 600 милиони евра за пет години

 

Најдобриот фудбалер на светот Лионел Меси ќе добие неверојатна понуда за да замине од Барселона.

Каталонски „Спорт“ јавува дека Манчестер сити се подготвува на Меси да му плати 600.000.000 евра за пет години.

Планот на „граѓаните“ е Аргентинецот за три години на „Етихад“ да заработи околу 350 милиони евра, а остатокот играјќи две сезони за „братскиот“ клуб Њујорк Сити.

Меси така би ја исполнил сопствената желба за да проба во МЛС лигата, од 2023 година, кога ќе биде на залез на кариерата и ќе има 39 години.

Понудата би требало да биде доставена до Меси за неколку недели. Како таква е убедливо највисока во историјата на фудбалот, гледајќи ја само платата. Досега исто рекордер беше Меси со плата од 50 милиони по сезона на „Камп ноу“.

Сега неопходно е „само“ аргентинскиот мајстор да излезе од договорот со Барселона, што ќе биде тешко со оглед на тоа дека Ла Лига му пресуди дека нема опција за излез, освен ако некој не плати 700 милиони евра излезна клаузула.

А Меси не ја признава таа одлука, заради што не се појави на почетокот на подготовките.