Меси ѝ соопштил на Барселона дека сака да замине, но се соочува со правна битка


Лионел Меси ѝ соопштил на Барселона дека сака веднаш да го напушти клубот – и тоа со бесплатен трансфер. Аргентинецот, кој според радио RAC1 му кажал на новиот менаџер Роналд Куман дека се чувствува повеќе надвор од клубот отколку во него, испратил факс до Барселона, во кој ги известил за неговата желба да замине, пишува „Гардијан“.

Во кампот на Меси веруваат дека клаузулата во неговиот договор значи дека тој може да оди без обесштетување. За разлика од тоа, од Барселона инсистираат на тоа дека тој сè уште е обврзан со откупната клаузула од 700 милиони евра. Бомбата одекна во вторникот вечерта со веста дека Меси му соопштил на клубот во попладнето.

Барселона допрва треба да реагира официјално, но тие продолжуваат да инсистираат на тоа дека тој е дел од плановите на Куман и дека ако замине, официјална цена за тоа е 700 милиони евра. Договорот на Меси истекува следното лето, посочувајќи дека ќе бидат принудени да преговараат со потенцијалните купувачи.

Барселона смета дека крајниот рок за примената на клаузулата на која се повикува Меси е истечен: тој мораше да ги извести за својата одлука пред крајот на мај. Но, со оглед на исклучителната природа на оваа сезона, која продолжи летово и официјално не заврши до минатонеделното финале во Лигата на шампионите во неделата, таборот на Меси тврди дека крајниот рок е 31 август.

Што и да се случи сега, односот меѓу играчот и клубот е прилично влошен, кризата се продлабочува од минута во минута. Претседателот на клубот Бартомеу кој е веќе под голем притисок, сега може да биде човекот кој го надгледува последното, горчливо и тажно заминување на најважниот играч во историјата на клубот.