Месец на урогенитално здравје: Отстранете ги инфекциите преку исхраната


Најверојатно сте чуле за медот манука, направен од цвеќиња што растат во Нов Зеланд и Австралија, кој има многу активни компоненти што го збогатуваат неговиот вкус и го прават еден од најздравите медови во светот. Со голема антибактериска и антивоспалителна моќ, тој има силни терапевтски својства, помага при многу болести и инфекции и изобилува со многу аминокиселини, витамини од Б-комплексот и минерали, како бакар, калиум, калциум, магнезиум, манган, фосфор и железо.

Се препорачува при болестите на дишните органи, дигестивните тешкотии и очните, ушните и синусните инфекции, а помага и кај урогениталните инфекции и заболувања. Бидејќи вкусот на овој мед е многу силен, не се препорачува за секојдневна употреба, туку повремено или како база за некои видови на тоници, како на пример тоникот направен со перуанската билка мака, кој е создаден да го потпомогне хормоналниот баланс, особено кај личностите што минуваат низ менопаузата и андропаузата.

Овие две состојки дејствуваат синергично, што значи дека компонентите од едниот продукт ги потенцираат лековитите својства на другиот. Обично вој тип тоник содржи и жен-шен, готу кола, дамијана, реиши или друга комбинација на состојки, кои дејствуваат како адаптогени т.е. му помагаат на телото да се ослободи од вишокот стрес, да се адаптира полесно на надворешната дразба и да ги стабилизира телесните функции.

Маката е корен кој е по потекло од Перу и Боливија, а расте на високите платоа на Андите. За ова растение се знае дека се култивира најмалку барем 3.000 години и е особено користено при лекувањето анемија, синдром на хроничен замор, за подобрување на плодноста, атлетските перформанси, против депресија, при лекување на остеопороза, но најмногу за реставрирање на хормоналниот баланс, менструалните проблеми и еректилната дисфункција. Ги зголемува имунитетот, енергијата и ја подобрува меморијата.

Оваа комбинација на мед манука и мака е одличен тоник кој ќе ви помогне со својот високо хранлив профил, ќе ја врати вашата физичка сила и стамина бидејќи изобилува со ензими, витамини, минерали и аминокиселини кои го поддржуваат хормоналното здравје.

Медот може да се нанесе на некои видови на рани и исеченици, со што ќе помогне тие побрзо да зацелат, може да направите маски за лице, со што кожата ќе го врати убавиот сјај или може да го користите како засладувач во пијалаците направени од какао, салеп или чај.

Маката ја има во облик на таблетки или прав, а се смета за еден вид суперхрана бидејќи изобилува со многу хранливи компоненти: богата со над дваесетина аминокиселини, масни киселини, витамини Б, Ц и Е и со над десетина минерали, вклучувајќи го и селенот, потоа содржи натриум, сулфур, калиум, калциум, магнезиум, манган, фосфор и железо, а може да се користи неколкупати дневно. Многумина ја користат пред да појдат на тренинг, со што ја зголемуваат физичката издржливост и енергија.

Познато е дека Маката има силни афродизијачки својства и е традиционална тајна на луѓето што живеат во Јужна Америка. Користена по долготрајната работа, замор или во зрелите години, консумирањето мака ги прави луѓето да се чувствуваат поенергични, весели и расположени бидејќи го поттикнува производството на ендорфин, хормон задолжен за чувството на добросостојба.

Поради високиот процент на фитоестрогени, маката е одлиен додаток кој ги контролира нивоата на естроген, со што им помага на жените да овулираат навреме, да ги поткрепат репродуктивното здравје и плодноста и да го регулираат менструалниот циклус. Во периодот на менопаузата ги намалува попратните симптоми, како ноќното потење, ги коригира расположението и меморијата. Ги одржува адреналната и тироидната жлезда во добра состојба намалувајќи го стресот и подобрувајќи го апетитот.

Кога станува збор за машкото здравје, маката има предности во балансирањето на машките хормони: некои студии покажуваат дека го намалува растењето на простатата, ја подобрува продукцијата на сперма и нејзината мобилност, а се препорачува за подобрување на либидото кај мажите во зрелите години. Не содржи кофеин, а сепак ви дава силна енергија и добро расположение.

Ваквиот тип производи сега може да се пронајде и во аптеките во вашата непосредна околина и доколку сметате дека ви недостига сила, имате хормонални проблеми, страдате од ПМС-синдром, променливи расположенија, урогенитални инфекции и проблеми или висок притисок, не одолговлекувајте, туку распрашајте се која комбинација од овие билки ќе биде најдобра за вас и вашето здравје.

Доколку користите некаков вид лекарства на редовна база, консултирајте се кај вашиот матичен доктор на кој начин и во која количина би можеле да ги користите овој вид на производи.

ФЕНУГРИК

Растението со име фенугрик има потекло од Медитеранот, Јужна Европа и Западна Азија. Познато е по тоа што се користи неговото семе во медицински и кулинарски намени, а неретко се користат неговите лисја и корен како зачин, подобрувач на вкусот или додаток во исхраната.

Фенугрикот е одличен во лекувањето на дигестивните проблеми, го коригира апетитот, ја стимулира работата на желудникот и ги намалува тешкотиите предизвикани од гастритис. Исто така, се користи при регулирање на хормоните, болните менструални циклуси, полицистичните јајници, ја подобрува функцијата на тироидната жлезда, ја намалува дебелината и тешкотиите поврзани со менопаузата, односно стареењето, сексуалната дисфункција и андропаузата. Некои мажи го користат ова растение и неговите продукти во лекувањето кила, машка неплодност т.е. зголемување на нивоата на тестостерон и во подобрување на сексуалниот интерес. Жените што се доилки го користат за подобрување на продукцијата на млекото.

Покрај овие својства, семето на растението фенугрик се користи бидејќи ја подобрува вискозноста на крвта, го намалува холестеролот и триглицеридите, на тој начин ја промовира работата на кардиоваксуларниот систем и е одлична превенција кај артериосклерозата. Исто така, помага при отстранување на целулитот, ќелавоста, хроничните заболувања, Паркинсоновата болест и ја подобрува атлетската издржливост.

Во други лековити својства се користи како облога со која се лекуваат мускулните болки, отоци, рани, чиреви, егзем и кај болката и отекувањата на лимфните јазли. Фенугрикот е богат со витаминот А, Б витамините и витаминот Д, а изобилува со железо, многу целулозни влакна, како и антиоксиданси.

Овој производ можете да го најдете во нашите билни аптеки, а со што ќе си помогнете повеќекратно: ќе ги збогатите своите јадења, ќе откриете нови рецепти и ќе се чувствувате подобро. Ќе ги отстраните дигестивните проблеми вклучувајќи ја и опстипацијата, ќе го регулирате притисокот и ќе се освежите. На овој начин ќе бидете во можност да ја продлабочите интимата во ладните есенски вечери и повторно да се почувствувате среќни и задоволни.

ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ ДЕКА…

Пробиотиците се користат за да се постигне баланс кај урогениталните и вагиналните инфекции. Ако сте сексуално активни, користите антибиотици или сте во повозрасните години, страдате од дијабетес и имате тешкотии со имунитетот, користењето на производи богати со пробиотици може да ви помогне да го одржите своето интимно здравје. Најчести се вагиналните инфекции предизвикани од габичните заболувања, како и ХПВ-вирусот. Колку што е важно да имате добри хигиенски навики, толку е важно и како се храните и дали ги користите вистинските производи за вашите здравствени тешкотии. Старите велат дека лекот чини само пет пари, а тоа значи дека треба да знаете какви благодати има храната што ја консумирате. Разбудете го својот истражувачки дух и откријте кои производи се добри за вас. Како што постојат видови храна кои изобилуваат со пробиотици, разни суплементи во облик на таблети, така постојат и сапуни за интимна хигиена со кои ќе ја вратите природната киселост на кожата и на интимните делови.

Ирена Танчева