Месец на машко здравје: Срцето не ги простува така лесно гревовите
Ноември е месец посветен на машкото здравје, а токму денеска се одбележува и Меѓународниот ден на мажите. И покрај напредокот во медицината и во здравствената заштита, мажите честопати имаат тенденција да го занемаруваат своето здравје, што доведува до доцна дијагноза на состојби како што се срцеви заболувања, рак на простата и нарушувања на менталното здравје.
Со оглед на фактот дека статистиките на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека кардиоваскуларните болести убиваат повеќе луѓе отколку сите карциноми заедно, поразговаравме со д-р Оливер Калпак, од Клиниката за кардиологија.
„Кога зборуваме за целокупната популација тоа е вистина, а мажите повеќе заболуваат од кардиоваскуларни болести одошто жените. Ова е важно да се каже со цел да се промовира навременото откривање на болести кои овозможуваат подобро и поуспешно лекување“, вели д-р Калпак.
Според него, социјалното живеење односно долготрајната транзиција, со социјално несредени услови, доведува до поголем стрес кој, пак, носи здравствени проблеми.
„Во нашето традиционално општество мажот е тој кој треба да донесе дома, кај нас тоа се уште важи, иако нели, не е правило. Тој стрес кај него е поизразен. Во општествата со посредено социјално живеење, повозрасни се пациентите со кардиоваскуларни болести, додека кај нас, луѓето помлади страдаат. Овде фактор е и загадувањето, нездравите навики како пушењето. Ние знаеме и да се храниме доста нездраво како регион, за разлика од луѓето во некоја од медитеранските земји, кои имаат поздрави навики во поглед на исхрана“, вели д-р Калпак.
Неговиот најмлад пациент на кој му има ставано стент имал 21 година.
„Тој работеше како физички работник. За среќа дојде на време, болката кај акутниот инфаркт го натера да дојде на време. Направивме навреме реваскуларизација и навреме спасивме огромен дел од срцето. Сега живее нормален живот“, додава Калпак.
Ако навреме се направат превентивни прегледи, вели докторот, мажот ќе може да е многу попродуктивен на работното место, да придонесува повеќе за домот, семејството, општеството.
„Што понапредната е фазата на болест, сè е покомлицирано и поскапо за третирање. Она што е најголем проблем се пушењето, неактивноста, а една прошетка може значително да влијае за подобро здравје. Имам пациенти кои се велосипедисти и кои се амбицираат да возат многу километри, а имаат проблеми со тежина или пак, има денови во кои се препушуваат, препиваат и прејадуваат, па следниот ден со точак сакаат да се искупат за „гревовите“. Срцето не ги простува така лесно гревовите“, потенцира Калпак.
Луѓето кои имаат стресна работна позиција, односно оние кои се на менаџерски позиции и имаат работни места за кои сносат одговорност, тие и да имаат добри навики, сепак се изложени на ризик и стрес, вели докторот.
„Ако тој стрес се комбинира со лоша навика, тоа е погубно. Кај мене на клиниката доаѓаат пациенти оти најчесто доаѓаат оти немаат физичка активност, имаат стрес, некоја лоша навика и(или) дијабетес. 70 отсто од пациентите кои ги прегледувам се мажи. И да напредува здравствената заштита, ризикот кај мажите е поголем отколку кај жените. Тие поретко добиваат инфаркт, 30:70 e соодносот. Мажите се почести пациенти на кардиолошката клиника, почесто страдаат од миокарден инфаркт и други коронарни заболувања кои се најсмртоностни. „Издржи, можеш ти и без лекови“, не им оди баш во прилог. Постои артерија, предна гранка на срцето. Кога американските доктори им објаснуваат на мажите која артерија им е стентирата, им велат артерија која создава вдовици (widow maker artery). Таа e смртоносна оти таа снабдува со крв најголем дел од срцето“, вели д-р Калпак.
Од неговата пракса, тој вели дека имал десетици мажи пациенти кои се бореле на пример, со брачна неплодност, а кои потоа биле стентирани, па добиле рожба.
„Тогаш мажите се опуштаат ментално. Пред тоа имале куп стресови, се лечеле од неплодност, но после стент животот и мсе сменил. Им ппорачувам пливање, шетање, одење на одмор, рекреација било каде. После стент имаат поголема сила да се справат со стресот. Вака имаат поголеми шанси за живот отколку претходно, решено им е крвоснабдувањето на срцето“, додава докторот.
Во однос на советите по повод Меѓународниот ден на мажите, д-р Калпак препорачува да се прават редовни прегледи матичен лекар.
„Да се види состојба со дијабетес, маснотии, крвен притисок. За сето тоа има лекови. И да се избрише ставот „Ќе издржам, јас можам и без лекови“. Да се регулира тежината ако е прекумерна, шеќерот, мастите да се доведат во нормала. За тоа се бара помош од матичен лекар и тоа е изводливо. Тоа не е ништо скапо, не одзема време. Ако еден пушач ги остави цигарите, 20 пати по 5 минути, ќе му се ослободат, време во кое ќе си ги гледа децата, ќе си ја врши работата наместо да излегува на паузи. Мажите мораат да си го чуваат живеењето“, заклучува Калпак.
И Институтот за јавно здравје денеска објави напис посветен на машкото здравје, во кој е наведено дека активностите што се одвиваат овој месец, се фокусирани на превенција на здравјето на мажите, со посебно внимание на тестикуларниот канцер, ракот на простата, менталното здравје на мажите и други чести болести кај мажите.
„Редовните прегледи и скрининг може да помогнат во рано откривање на проблемите, значително подобрување на резултатите од лекувањето. Едукацијата на мажите за заедничките здравствени ризици, како што се високиот крвен притисок, дијабетесот и одредени видови на рак, им дава моќ да направат информиран избор на начин на живот. Менталното здравје е уште еден витален аспект на свеста за здравјето на мажите. Општествените очекувања често ги притискаат мажите да изгледаат силни и стоички, што може да ги спречи да бараат помош кога е потребно“, наведува ИЈЗ. (Мета)