Месец и половина пред рокот: Откупена речиси цела реколта тутун


Реколтата тутутун е речиси откупена, а до крајниот законски рок има уште месец и половина. Досега се преземеи 98 насто од ланскиот род по просечна цена од 288,1 денари, велат од Сојузот на земјоделските здруженија, нагласувајќи дека ваков брз откуп и побарувачка од 10 откупни компании не се памети.

-Откупени се 20.800 тони, што е 98 отсто од целиот род. Квалитетот беше добар, се бараше тутунот и експресно се купуваше. Вакво нешто не паметиме. Со време укажавме дека нема многу род, ниту приближно колку што планираа откупувачите на околу 26.000 тони. Цената е солидна иако целосно не ги одразува зголемените трошоци за производство, вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

Откупувачите не смеат да ги затворат вратите зашто законскиот рок за откуп е до крајот на февруари и да се преземе она мало количество што остаало, а се процеува најмногу на 100-тина тони, ако не и помалку.

Од Сојузот сметаат дека веќе полека се насочува вниманието на новата реколта за која договорите ќе почне да се споменуваат ведаш по откупот. Апелираат до откупните претпријатија да седнат заедно да се разговара за повисоки цени кои треба да го направат исплатливо производството и да се задржи на нивите.

-Возрасната граница на производителите е висока, а младите не се многу заинтересираи за тутунопроизводството. За да не се намалува родот континуирано мора да биде исплатлива работата. Затоа апелираме со откупувачите да седнеме и да се зголемат цените, за онолку колку што се движат инфлацијата и трошоците за производство, вели Стомароски.

Злате Данески, претседател на прилепското тутунско здружение „Мице Козар“ објасува дека тутунот ќе го има на нивите, но прашање е во колкави количества и на колкави површини.

-Тутунот мора да се произведува. Што друго да правиме во селските средини, ако не работиме и произведуваме.Тоа е традиционална култура, главна во овој Прилепско-Пелагонски регион. Затоа исплатливоста за производство е клучна, вели Данески.

Од државиот земјоделски инспекторат потврдуваат дека ова беше одлична година за реколтата и платена.

-Откупот поминува без никакви проблеми, ниту оспорувања. Се постигна одлична цена од 288,1 денари, а тоа ќе донесе и повисоки субвенции. Реколтата ќе биде околу 21 000 тони. Откупувачите ќе имаат отворени пунктови до крајот на законскиот рок за откуп, крајот на февруари, потврдува Јане Станкоски, директор на државниот земјоделски инспекторат.