Мерко се развласти, владата нека руши дивоградби


Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко се развласти и ја информираше владата оти таа ќе биде надлежна да ги руши дивоградбите во градот. Тој денеска испрати писмо до „Илинденска“ во која го информира премиерот Зоран Заев дека сите надлежности на Општината за урбанистичко планирање градежни дозволи и давање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО ѝ ги предава на Владата.

Во писмото бара од Владата во тој сектор да раководи со градот Струга. Мерко вели дека ваквата негова одлука е резултат на последните случувања и долгорочната кампања која се води против градот Струга и него лично.

Дел од медиумите пишуваат дека Мерко добил и закани по живот. Тој минатата недела се појави на свеченото отворање на дивоградбата – пицерија во центарот на Охрид, сопственост на советникот на ДУИ, Нефи Усеини. Заев побара Општина Охрид да ја сруши таа и сите други дивоградби или ќе ѝ ги одзеде ингеренциите. Премиерот се закани дека доколку Усеини сам не си ја сруши дивоградбата, тоа ќе го направи владата.

УНЕСКО ни даде последна шанса до февруари да бидат срушени сите дивоградби во охрид или градот ќе го загуби статусот на заштитено подрачје.