Мерко: Нема доаѓање и одење од Струга во полициски час


 Мерките за заштита од коронавирусот кои ги имаме преземено како локална самоуправа и сите мерки од Владата се имплементирани и се прифатливи за граѓаните на општина Струга, истакна вечерва струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во Топ Тема.Во врска со тоа каква е состојбата во Лабуништа, Мерко рече дека се покренала фама околу тоа струшко село, околу сите граѓани кои работат во странство, особено во Италија.

– Жителите на Лабуништа се многу свесни и сите кои дојдоа од странство ја прифатија самоизолацијата. Секој почна да ги прифаќа мерките, за да го намалиме ширењето на коронавирусот, рече Мерко.

Во врска со тоа дали Струга треба да ги затвори вратите за посетителите за велигденските празници и дали смета дека треба да дојдат тие во Струга, во Охрид и во другите градови, истакна дека тоа е регулирано со одлуките на Владата и Кризниот штаб.

– Од петок до вторник ќе има полициски час. Кои луѓе ќе дојдат и кои луѓе ќе си одат? Значи нема ниту доаѓање ниту одење. Секој ќе си биде во своето место и треба достоинствено и понатаму да ги применуваме мерките кои доаѓаат од Кризниот штаб, додаде Мерко.