Мерко: Ако може да колеме јагниња и телиња, само кучињата ли ќе ги чуваме?


Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко вчера на седницата на Советот за развој на Југозападниот плански регион зборуваше за тековните проекти кои се реализираат, но и за проблемот со кучињата скитници.

Оваа точка го поттикна градоначалникот на Струга да го каже својот став за уличните кучиња кои ги има во сè поголем број низ улиците.

-Ако може да колеме јагниња, телиња, овци, да тепаме диви животни, да ловиме риба, сè што ни е потрено за наш живот, а единствено ќе ги чуваме кучињата? Да, нека ги чуваат тие што ги имаат дома, сè друго не може да се чува. Во законот пишува дека ризичните кучиња треба да се уништат, а од каде знаеме кое е ризично? Луѓе се убиваат, па никој не сноси одговорност, кучиња се убиваат, па треба градоначалниците да сносат одговорност, кажа Мерко на седницата на Советот за развој на Југозападниот плански регион, пренесе Охрид1.
 

„Јас имам пуштено предлог за измени и дополнувања на законот по мое видување, но ова треба да го направиме заедно. Едно време сите ги тепавме. И со закон бевме заштитени. Тендер правевме со ловното друштво, тие излегуваа ноќе и секое куче кое е надвор од контрола се отстрануваше. Еве отворено ќе кажам по селските општини ги ништат. Кој сака нека речи што сака. Еве, јас отворено кажувам, не се плашам ни од закон ни од ништо: „Ми рече еден во Мислешево јас наполнав цел трактор. Напаѓаа на стока, напаѓаа на луѓе“, додаде струшкиот градоначалник.

Изјавата на Мерко доаѓа откако пред неколку месеци, во Струга се случи ужасен масакр на улични кучиња, кога човек вооружен со пушка одеше по улиците на градот и бараше кучиња за да ги застрела.