Мерките кон Еуростандард банка се за заштита на депонентите, велат од Народната банка


Сите мерки кои што Народната банка ги има преземено кон Еуростандард банка се за заштита на депонентите на Банката, соопштија денес од централната банка откако вчера на прес конференција дел од сопствениците на Еуростандард банка, ја обвинија НБ дека со преземените мерки парктични им ги врзале рацете банката да ја застанат на здрави нозе, а исто така и реагирајќи  на други информации во медиумите.

Меѓу другото, како што нагласуваат од Народната банка, со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите.

„Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на Еуростандард банка и го стори тоа“, велат од централната банка додавајќи дека сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.

Од Народната банка додаваат дека со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката. Меѓутоа, како што нагласуваат во соопштението до медиумите, сопствениците не го обезбедиле потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнеле издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше.
„Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на Ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката“, велат од НБ.
Во соопштението се вели дека Народната банка е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.
„Сите мерки коишто ги презеде Народната банка беа во насока да не се дозволи Еуростандард банка одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање,  коишто би биле на штета на депонентите и доверителите“, велат од Народната банка.
Од таму ист така известуваат дека „во врска со невистините и клеветите изнесени од страна на сопствениците на Еуростандард банка АД Скопје, во рамки на нивните настапи по донесување на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Банката, Народната банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет“.
Граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците, се вели во соопштенито наа Народната банка до медиумите .