Меркел утре ќе ги седне на иста маса Макрон, Радев и Заев
Силен европски обид Бугарија да ја тргне блокадата на Македонија
Германската канцеларка Ангела Меркел го засилува обидот да се најде решение за блокадата на Бугарија на европската перспектива на Македонија. Таа утре изутрина во Брдо за време на самитот на ЕУ и Западен Балкан ќе ги седне на иста маса со неа во 9 часот францускиот претседател Емануел Макрон, бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран Заев.
Како увертира на оваа средба треба да се одржи друг четворен состанок во 7,30 часот меѓу Заев, Радев, словенечкиот премиер Јанез Јанша и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Овие средби ги потврди денес и Заев.
„Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархеи и премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и заедно со претседателот Румен Радев. Тие средби треба да бидат потврдени, но веќе се вклопени во агендата. Веднаш после тоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува“, рече Заев.
Премиерот нагласи дека ова е самит за поддршка на Западен Балкан со заклучоци што јасно треба да испратат порака дека ЕУ останува насочена и фокусирана кон проширувањето, односно кон мотивацијата на Западен Балкан да продолжи со реформите на мериторен начин комплетно согласно новата методологија, а согласно со тоа Европа да ги испорачува наградите коишто треба да следуваат со исполнувањето на сите тие услови.
Средбата на Меркел и Макрон со Радев и Заев е највисото ниво на преговори за симнување на бугарската блокада во кое се вклучила ЕУ.
Досега бугарската страна не даде сигнал дека нејзината позиција може да се промени до утре – ниту од Министерството за надворешни работи ниту од претседателството.
Потпретседателката Илијана Јотова пред неколку дена рече дека „речиси секојдневно“ се водат разговари со Радев за промена на позицијата на Бугарија. Меѓутоа, во настапот за телевизијата Bulgaria On Air, Јотова ја отфрли опцијата за промена на својата позиција, „бидејќи ништо од нашите разговори и дискусии не е исполнето од другата страна“. И таа ја спомена променетата надгробна плоча во прилепското село Клепач. (Н.В.)