Меркел со услови за пролонгирање на Брегзит

Институциите на ЕУ мора да продолжат да функционираат непречено, Велика Британија да учествува на евроизборите во мај и подготвеност на Лондон за „конструктивно учество“ во носењето одлуки се условите на германската канцеларка Ангела Меркел за пролонгирање на Брегзит.
Обраќајќи се пред германските пратеници, само неколку часа пред Самитот на ЕУ во Брисел на кој треба да биде донесена одлука за тоа дали на Лондон ќе му биде одобрено барањето за одложување на Брегзит, Меркел потенцираше дека Унијата има очекувања од Лондон.
Таа истакна дека би сакала европските лидери на денешната средба да одобрат одложување на Брегзит, но и да овозможат тоа да се случи веднаш штом Британија донесе одлука.
-Ова е историска одлука. Првпат некоја земја ја напушта ЕУ. Како ќе гледаме на ова прашање за пет или 10 години?, ги праша Меркел пратениците во Бундестагот.
Таа оцени дека би требало да се пролонгира Брегзит за неколку месеци, но да не се одолговлекува целиот процес.
-Така што, ако Британија ја донела одлуката, тогаш до излегувањето може веднаш да дојде, порача Меркел.
Сепак, таа изрази скептицизам дека ќе успее да се постигне договор на вечерашниот самит поради разликите меѓу Франција и Германија.
Елисејската палата претходно соопшти дека Франција не е против одложување на Брегзит, но, период од година дена, како што предлага Брисел, е премногу. Париз „не е затворен за други решенија, но со одредени ограничувања и не по секоја цена“, беше наведено во соопштението од француската Влада.