Меркел се огласи на Твитер по нападот во Ница: Германија е со Франција

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека Германија застанала на страната на Франција по бруталниот напад со нож во кој загинаа три лица во близина на црква во Ница.

„Длабоко сум потресена од бруталното убиство во црква во Ница. Моите мисли се со семејствата на убиените и повредените. Германија застана на страната на Франција во овие тешки времиња”, рече Меркел, а нејзините зборови ги пренесе нејзиниот портпарол Штефен Зајберт.

Француските медиуми објавија дека најмалку три лица загинале, а неколку се повредени.

Градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, рече дека смета дека инцидентот е терористички напад врз базиликата Нотр Дам во градот и ги замоли жителите да ја избегнуваат областа за да им дозволат на полицијата и службите за итни случаи да ја завршат непречено својата работа.

Француската телевизија Европа 1 објави дека маж нападнал неколку лица и обезглавил една жена. Истата информација ја објави „Ројтерс“, повикувајќи се на полициски извор.