Меркел разговарала со Борисов за Македонија

Половина ден по министерската средба во Берлин, германската канцеларка Ангела Меркел имала разговор преку онлајн врска со бугарскиот премиер Бојко Борисов околу забелешките на Софија за отпочувањето на меѓувладината конференција на Македонија и ЕУ.

„Бугарија и јас сме благодарни за посветеноста на германското претседателство и вие лично за изнаоѓање формули што ќе ѝ овозможат на Република Северна Македонија да започне преговори за членство во Европската унија“, ѝ рекол Борисов на Меркел, јавува Бугарското национално радио.

Разговорот траел 40 минути. Оваа видео-конференциска врска на одредн начин кажува дека Екатерина Захариева, Никола Димитров и Бујар Османи имале многу мал прогрес при разговорите со посредство на Хајко Мас и Михаел Рот.

Бугарските медиуми јавуваат дека Борисов го кажал ставот на Бугарија, кој го презентирала Захариева вчера во Берлин. Борисов уште изразил уверување дека со помош на Германија, особено за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, ќе бидат донесени „вистински и правилни реченија за прашањето“.

И бугарскиот претседател претседателот Румен Радев денеска го коментираше развојот на настаните.

„Очекувам бугарската влада да се бори за Поглавје 35 од рамката за преговори, што ќе ја вклучува целата наша позиција на национална рамка, усвоена од бугарскиот парламент, како јасно препознатливи критериуми што треба да се следат во текот на процесот на преговори. Сепак, ова се чини сè помалку веројатно и има само еден излез од ова – одложување на преговорите сѐ додека не се постигне јасен и обврзувачки договор за расчистување на сите билатерални прашања со Република Северна Македонија“, рече шефот на државата.

Претседателот најави дека на оваа тема ќе разговара денес со неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмаер.

„Како одговорна членка на ЕУ не смееме и не можеме да си дозволиме да воведуваме нови, нерешени прашања во ЕУ. Не можеме да ја легитимираме омразата кон Бугарија. Не може, како нација што се почитува самостојно, три години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, да се видат текстови во учебници, во музеи, споменици, навредливи и недозволиви формулации во врска со Бугарија. Не можеме да го ставиме под хипотека нашиот национален идентитет“, рече Радев. (Н.В.)