Меркел: Лукашенко треба да биде дел од дијалогот во Белорусија

Претседателот Лукашенко им наредил на полициските сили да ги спречат сите обиди за организирање нови протести додека ЕУ на вонредниот самит најави нови санкции и не ги призна резултатите од изборите

 

Александар Лукашенко треба да биде дел од разговорите за политички договор во Белорусија, изјави во средата германската канцеларка Ангела Меркел.

Говорејќи пред новинарите во Берлин, откако учествуваше на видео конференција со колегите лидери на ЕУ, Меркел рече дека Лукашенко го одбил нејзиното барање да разговара по телефон за исходот на претседателските избори на 9 август. Официјалните резултати тврдат дека долгогодишниот авторитарен лидер победил на реизбор со 80 проценти од гласовите, предизвикувајќи протести на национално ниво кои насилно биле потиснати од безбедносните сили.

„Изборите не беа фер, тие не беа слободни“, рече Меркел. „Но и покрај тоа, г-дин Лукашенко е сè уште таму. Ако повикувам на национален дијалог тоа природно треба да ги вклучи луѓето што се на власт таму… Тоа е комплицирана ситуација“.

Меркел го опиша одбивањето на Лукашенко да разговара со неа по телефон, како „вистински срам“. Но, таа рече дека не гледа Берлин да има „посредничка улога“ во конфликтот меѓу Лукашенко и опозициските фигури.

Меркел разговараше телефонски во вторникот со рускиот претседател Владимир Путин за кризата. Но, таа инсистираше на тоа дека решението мора да дојде од Белорусија.

„Белорусија мора да најде свој пат… и не може да има надворешна интервенција“, рече Меркел. „Луѓето од Белорусија знаат што сакаат“.

Ако решението треба да дојде од Белорусија, како што вели Меркел, тогаш денешната наредба на Лукашенко може да не води кон решение. Александар Лукашенко ѝ наредил на полицијата во средата да ги скрши протестите во главниот град Минск, сигнализирајќи ескалација по десетина дена масовни демонстрации против неговото владеење.

Европската унија одржа итен самит за кризата, отфрлајќи го реизборот на Лукашенко  и најавувајќи финансиски санкции против службените лица кои блокот ги обвинува за измама на изборите и прогон на демонстрантите.

„Нашата порака е многу јасна. Престанете со насилството “, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет. Шефот на комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен изјави дека списокот на оние што ќе бидат погодени од санкциите ќе се подготви брзо.

„ЕУ е на страната на народот на Белорусија“, изјави Мишел по самитот, додавајќи оти Унијата бара да бидат ослободени сите притворени демонстранти.

Фон дер Лајен на Твитер напиша дека Европски совет испратил „три силни пораки“.

„Ние ги поддржуваме Белорусите кои сакаат основни слободи и демократија; Ние ќе ги санкционираме сите одговорни за насилството, репресијата и лажирањето на изборните резултати; Ние ќе поддржиме мирна демократска транзиција во Белорусија“, напиша Лајен на Твитер.

Таа по завршувањето на Самитот изјави и дека ЕК ќе ги пренасочи 53-те милиони евра предвидени за владата на Белорусија кон невладините организации, жртвите на државната репресија и за помош во бробата против Ковид-19.

Лукашенко во истото тоа време ги обвини странските земји за мешање на немирите и вели дека демонстрантите се финансирани од странство.

„Повеќе не треба да има нарушувања на поредокот во Минск“, рече тој во забелешките што ги објави државната новинска агенција Белта, најавувајќи го новиот полициски удар во главниот град. „Луѓето се уморни. Луѓето бараат мир и тишина“.

Лукашенко денеска го одобри составот на новата влада, а за премиер го именува Роман Головченко. Кандидатурата на Головченко, кој досега раководеше со Државниот воено-индустриски комитет, треба да биде потврдена во Долниот дом на Парламентот. Во владата остануваат сите клучни министри што беа и досега.

Полицијата задржа низок профил за време на масовниот протест во Минск во неделата и протестите се раширија во некои од најголемите индустриски погони во Белорусија. Во средата, полицијата ги растури демонстрациите и приведе две лица во фабриката во „Минск трактор“.

Полицијата исто така ја презеде контролата врз главниот државен драмски театар во Минск. Тој стана репер за протестите кога неговиот директор, поранешен белоруски дипломат, беше отпуштен од работа, откако зборуваше во прилог на митинзите на опозицијата.

Лукашенко нареди да се заостри граничните контроли за да се спречи прилив на „борци и оружје“, а разузнавачките агенции да ги бараат организаторите на демонстрациите.

ЕУ сака да избегне повторување на насилството од соседна Украина, каде промосковскиот лидер беше соборен во народното востание пред шест години, предизвикувајќи руска воена интервенција и најсмртоносен конфликт во Европа.

Русија постојано го предупредува Западот да не се меша во Белорусија, која има најблиски економски, културни и политички врски со Москва од сите поранешни советски републики и е клучна за нејзината европска одбранбена стратегија.

Во средата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги обвини неидентификуваните странски сили за мешање, што тој го нарече неприфатливо.

Некои европски официјални претставници истакнаа дека белоруската опозиција, за разлика од Украина, се чини дека не е посветена на олабавување на врските со Русија, само за да се ослободи од Лукашенко.

„Белорусија не е Европа“, рече комесарот за индустрија на ЕУ, Тиери Бретон, споредувајќи ја со прозападна Украина и Грузија, обете цели на руските воени операции. „Белорусија е навистина силно поврзана со Русија и поголемиот дел од населението е за блиски врски со Русија“.

Но, некои европски официјални претставници, особено во земји блиски до границата, се залагаат за поцврста линија за поддршка на опозицијата и да возвратат ако Москва поддржи каков било потег да ја урне.

Кремљ се соочува со избор да се држи до Лукашенко или да се обиде да управува со транзицијата кон нов лидер кој би го задржал Минск во орбитата на Москва.

Водачот на опозицијата Светлана Тихановска во видео обраќање од егзил во соседна Литванија на англиски јазик ја повика ЕУ да ги отфрли официјалните резултати (Ројтерс)

Водачот на белоруската опозиција Светлана Тихановска ја повика ЕУ да ги отфрли официјалните резултати. Тихановска (37) почетник во политиката застана како главен предизвикувач на изборите, откако подобро познатите опозициски фигури беа затворени или им беше забрането да учествуваат.

„Г. Лукашенко го изгуби целиот легитимитет во очите на нашата нација и светот“, рече Тихановска на англиски јазик, во видео обраќање од егзил во соседна Литванија. Белоруските опозициски фигури формираа совет во вторникот за да преговараат за транзиција, потег што го осуди Лукашенко како обид за заземање на власта. (Според агенциите)