Меркел: Кој ја сака слободата се грижи за слободните медиуми

Кој ја сака слободата се грижи за слободните медиуми, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, по повод 75-годишнината од првиот повоен весник во земјата.

Во денешната видео-порака Меркел истакна дека на демократијата „и  треба јавноста“.

– Демократијата има потреба од простор каде можеме да зборуваме за законите, но и за нашите вредности. Демократијата има потреба од јавноста во која може да се дискутира и да се изразат различни мислења, подвлече таа, додавајќи дека врз основа на таа дискусија може да се развијат заеднички решенија.

Тоа, меѓутоа, потенцира таа, бара толеранција кон мислењата на другите и тоа бара прифаќање на критиките.

Меркел истакна дека ова е особено потребно сега, кога граѓаните се соочуваат со пандемија на коронавирусот и кога се водат дискусии за политичките и социјалните последици.

Таа ги отфрли критиките дека медиумите во моментов не го претставуваат целиот спектар на мислења.

-Не го гледам така, туку напротив. Секој ден учиме, од науката пред се и не снабдуваат со нови знаења.  Апсолутно е важно тоа да го разбереме  и што е можно повеќе луѓе да дознаат за тоа. За тоа се грижи понудата на медиуми , како јавниот сервис, така и приватните, аналогните, како и дигиталните медиуми, додаде Меркел.

Таа рече дека новинарите мора да можат критички да ја анализираат владата и сите политички чинители, затоа што на демократијата им се потребни факти и информации, но лагите мора да се разликуваат од вистината.

-Мора да биде можно од различни перспективи да се види реалноста и од тоа да се извлечат соодветни заклучоци, објасни Меркел.

Според неа, слободата на медиумите е мерка за состојбата во општеството.

-Затоа е загрижувачко кога се напаѓаат новинари во нашето демократско општество, рече таа.

Меркел рече дека е горда и благодарна што во Германија имало повеќе од седум децении слобода на медиуми и побара да се води грижа секој ден за да се обезбеди новинарите да имаат можност да работат слободно, дека нивната работа е ценета и поддржана.