Меркел и Меј согласни околу важноста од уреден Брегзит


Британската премиерка Тереза Меј и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија денеска во Берлин дека е неопходно да се обезбеди чисто, уредено излегување на Велика Британија од Европската унија, соопшти Даунинг стрит 10.

За време на 90-минутната средба, Меј и Меркел дискутирале за барањето на Лондон за одложување на Брегзит до 30 јуни со опција датумот да се помести порано доколку Меј успее да го убеди британскиот Парламент да го ратификува договорот, кој таа го склучи со ЕУ.

Во соопштението од Даунинг стрит 10 се посочува дека Меј ги потенцирала чекорите кои Владата ги презема со цел да го доведе процесот на Брегзит до успешна реализација и ја информирала Меркел за тековните разговори со опозицијата.

Во соопштението уште се потенцира дека обете го истакнале значењето на уреден Брегзит. Тие, исто така, разговарале и за ситуацијата во Јемен и Либија.

По средбата со Меркел во Берлин, Меј отпатува во Париз на разговори со претседателот Емануел Макрон.

Што се однесува на денешната средба со Меркел, германските медиуми посочуваат дека по разговорите немало изјава за новинари, но дека по работниот ручек, двете лидери излегле прегрнати и насмеани.